5 септември 2017, Скопје – Владата на РМ и Светска банка имаат огромно преклопување во погледите како треба да се развива македонската економија во иднина, што е добро – оцени министерот за финансии Драган Тевдовски, по средбата што се одржa во Владата помеѓу регионалната директорка на Светска банка, Линда Ван Гелдер, Премиерот Зоран Заев и министрите од економските ресори.
На средбата двете страни се согласија дека Светска банка ќе биде силен партнер на Македонија во развојниот и во реформскиот процес во наредниот период. Во моментов, банката поддржува активности во износ од 350 милиони американски долари, а на денешната средба во Владата се разгледани и можностите Македонија да стане држава со високи приходи.
На средбата се разгледани приоритетите за поддршка во различни области, како подобрување на општинската инфраструктура, надградба и рехабилитација на постојната патна инфраструктура, енергетска ефикасност, социјална заштита и транспарентност. Особено внимание е посветено на управувањето со јавните финансии и на ефикасноста на јавната потрошувачка.
– МФ веќе започна да реализира многу од мерките што се истакнати во стратешки документи на СБ. Клучното е во областа на транспарентноста на јавните финансии. Во таа насока, значително е подобрена транспарентноста во известувањето за јавните финансии. Сега на сајтот на МФ може да се најдат месечни и квартални податоци за извршување на Буџетот по буџетски корисници или општини. Подобрен е полугодишниот извештај за извршувањето на Буџетот. Постојат информации за доспеани, а неплатени обврски. Во овој домен, ние работиме со СБ и на проект за чистење на овие обврски. Објавивме и Граѓански буџет со намера подобро информирање на јавноста и да придонесеме за многу позначајно вклучување на граѓаните во креирањето на буџетскиот процес – истакна министерот за финансии.
– Со владините претставници имавме конструктивна дискусија Македонија да стане држава со високи приходи. Се заложуваме за формирање делотворно партнерство во насока на постигнување економски напредок и еднаков просперитет на граѓаните. Разговаравме за низа меѓусебно поврзани области во кои реформите би можеле да ѝ помогнат на Македонија да го постигне статусот на земја со високи приходи, како што се макроекономска стабилност и одржливост на тој систем, интеграција во глобалната економија, деловно окружување поволно за инвестиции и раст на приватниот сектор, пристап на можности до сите граѓани, како и ефикасни и транспарентни институции – потенцира регионалниот директор на Светска банка, Линда Ван Гелдер.