Скопје, 19 ноември 2012 (МИА) – Како развоен и соодветен одговор на кризата, со поддршка на економскиот раст и заштита на најранливите категории на населнието и во услови на економска криза. Повисоки капитални инвестиции, средства обезбедени за субвенции, образование, здравство, за зголемување на пензиите, социјалната помош, за враќање на долговите… Вака го оцени предложениот буџет за 2013 година вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески образложувајќи го денеска пред членовите на собраниската Комисија за финансирање и буџет.
Поддршката на економскиот раст во рамки на буџетот за 2013 година, како што појасни министерот, е изразена и на приходната и на расходната страна. – Приходната страна е проектирана првпат во овие 20 години на ниво кое што не е повисоко од приходната страна на буџетот од претходната година. Тоа подразбира дека Владата на Република Македонија предлага буџет во кој нема зголемување даноци, односно истите се задржуваат на идентично ниво со што Македонија ќе има и натаму најниски даноци во Европа, рече министерот потенцирајќи дека тоа е директна поддршка за македонското стопанство и македонската економија во насока на заздравување на економијата и враќање на патеката на економски раст бидејќи на тој начин се одржуваат ниски трошоци за компаниите на расходната страна.
Развојната компонента на буџетот и поддршката на економијата, според него, е пред се изразена во високото ниво на капитални инвестиции, кои се проектирани на ниво кое за 10,4 проценти повисоко од годинашното. Ставрески посочи дека со почнување на неколку крупни инфраструктурни проекти, пред се, во делот на транспортната мрежа, железничката инфраструктура ќе се придонесе за реализација на економскиот раст кој е предвиден на два проценти.
Растот, како што рече, ќе се произлезе од домашната побарувачка, дел од инвестициите и дел од личната потрошувачка.
– Во делот на инвестициите ќе има влијание интензивирањето на странските инвестиции во слободните економски зони и надвор од нив. Само во последните неколку месеци имаше почеток на 6-7 странски инвестиции кои подразбират 100-тици вработувања и очекуваме тие да бидат значаен двигател на економскиот раст и за зголемување на извозот, потенцира Ставрески додавајќи дека во моментов се отворени 1.720 работни места во новите фабрики во слободните економски зони, а се очеккува до крајот на оваа година да достигне 2.205, а до крајот на следната 6.000 вработувања.
Тој увери дека буџетот е направен врз реални основи и предвиденот раст е идентичен со проекциите на ММФ, Светска банка и ЕБРД или е многу блиску до нив, а е помал од проекциите на НБРМ.
Со проекциите што ги има во буџетот, министерот за финансии очекува во 2013 година да се задржи конзистентната фискална политика и Македонија да остане меѓу петте најмалку задолжени земји во Европа.
– Само три земји во Европа се помалку задолжени од Македонија, а и во наредните години ќе биде меѓу 5-те најниско задолжени држави. Долгот е 30 проценти, рече министерот додавајќи дека во наредниот период ќе треба да се вратат 490 милиони евра заеми кои се земени во време на СДСМ.
За претседателот на Комисијата за финансирање и буџет Марјанчо Николов, предложениот буџет за 2013 година е буџет на немоќ и признание на Владата дека нема визија како да ги реши проблемите на економијата и на граѓаните. Буџет на кредити и долгови, на тешка сегашност и украдена иднина.
– Ова е буџет за предизборно купување на гласовите на пензионерите без да се води сметка за иднината, купување гласови на социјалната категорија, буџет на сиромашни граѓани, неликвидно стопанство, а богата влада, рече Николов, забележувајќи и на трансферите што се прават за пензискиот фонд. Според него, поретпоставките на кои се заснова буџетот, за растот, се далеку од реални и праша како ќе расте иднустијата и извозот кога Европа е во рецесија.
Во однос на структурата на предложениот буџет истакна дека за првпат во историјата е надминат мастришкиот креитериум со 3,5 проценти буџетски дефицит, при што праша за што ги задолжи Владата македонските граѓани. – Само оваа и наредната година ќе не задолжите 600 милиони евра, а од 2008 година сте не задолжиле милијарда евра, рече Николов додавајќи дека задолжувањето е опасно и оти ако се продолжи со такво темпо прашање е кога ќе дојде времето тие кредити да не можат да се отплаќаат.
Николов забележа дека трендот од 2008 година не прекинува на континуирано задолжување во Република Македонија и дека тој е многу поголем од 30 проценти.
Министерот Ставрески во реплика истакна дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ во 2007 и 2008 година го намали долгот со предвремена отплата и оти како резултат на тоа дојде време да може да се позјами без да се загрози државниот долг.
Во однос на политиката за пензионерите и зголемувањето на пензиите, министерот рече дека зголемувањето е од март бидејќи реалните пресметки за наредната година не овозможуваат тоа да се направи во јануари. Пензионерите во периодот на оваа Влада добија зголемување од 39 проценти, рече Ставрески посочувајќи дека тие го прават впечатокот врз основа на реалноста, а не врз база на емоции и голи цифри.
Изет Зеќири од НДП забележа дека буџетот не е транспарентен и оти се одвојуваат помалку пари за децентрализацијата.
Расправата по предложениот буџет за 2013 година продолжува по едночасовна редовна пауза на пратениците