Скопје, 20 март 2016 (МИА) – Во изминативе десет години отворени се 150 илјади работни места, пензиите се зголемија за 70 проценти, се зголемија и капиталните инвестиции во Буџетот, а даноците останаа ниски.
Во периодот од 2006 до 2015 година, како резултат на субвенциите за земјоделците, двојно е зголемен и извозот на храна. Ова го истакна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески на вечерашниот отчет за сработеното во изминатите години.
– Намалувањето на невработеноста е нашиот најголем успех како Влада. Нема друг рецепт за намалување на невработеноста од оној што го знаевме уште првиот ден. Многу труд, пот, посветеност и многу правилни одлуки во насока на главните економски политики што ги носевме во изминативе десет години, потенцира Ставрески.
Тој нагласи дека од отворените 150 илјади работни места, само во последните две години се креирани 28.293 работни места за граѓаните.
– И покрај кризите во светот и во Европа, Република Македонија во периодот од 2007 до 2015 година успеа да оствари просечна стапка на раст на економијата од три проценти. Минатата година, исто така со 3,5 проценти раст на економијата, и покрај политичките услови, успеавме да бидеме на четвртото место, рече Ставрески.
Според него, она што придонело за намалување на невработеноста се намалувањето на даноците, привлекувањето на странските инвестиции и подобрувањето на условите за водење бизнис, како и преку активните политики на Агенцијата за вработување.
Тој истакна дека Македонија е лидер во светот по најниски даноци, за што потврда е и најновото истражување на „Бизнис инсајдер“.
– Дури и кога сите земји во текот на економската криза во Европа и во светот зголемуваа даноци, и кога беше најлесно товарот од кризата да се префрли врз фирмите и врз граѓаните, ние во ниеден момент тоа не го направивме. Многу земји во текот на светската криза ги зголемија на пример, стапката на ДДВ, данокот на добивка и слично. Ние знаевме дека ако го направиме тоа, на крајот ќе страдаа работниците и фирмите, рече вицепремиерот Ставрески, додавајќи дека додека во цела Европа даноците оделе нагоре, а се намалувале капиталните инвестиции, во Македонија даноците се задржаа ниски, а се зголемија капиталните инвестиции во Буџетот.
Пензиите зголемени за 70 проценти
Во периодот од 2006 до 2015 година просечната пензија во Македонија е зголемена за цели 70 проценти. Последната пензија просечно изнесува 13.077 денари. па споредено со 2006 година кога изнесуваше 7.688 денари тоа е зголемување за 70 проценти. Најниската пензија, пак, е зголемена за 84 проценти, информира вицепремиерот.
– Нашите пензионери, со најновите зголемувања што ги вршиме од година во година, имаат просечна пензија од 212 евра што е повеќе од соседните земји. Србија има просечна пензија од 190 евра, Бугарија 164 евра, Албанија 140 евра. И она што пензионерите најмногу ги радува е што со нас знаат на што се. Тие тешко си ги заработиле своите пензии, чесно работеле цел живот и затоа е значајно да ги добијат навреме и да ги добијат зголемени, истакна Ставрески.
Преку субвенциите зголемен е извозот на земјоделски производи и храна
Субвенциите за земјоделците се едни од нашите најкрупни ветувања и задоволство е што веќе 10 години по ред тоа ветување го исполнуваме, истакна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески на вечерашниот отчет за сработеното во изминатите 10 години.
Говорејќи за субвенциите во земјоделството, вицепремиерот Ставрески рече дека тие му даваат сигурност и стабилност на земјоделецот.
Тој додаде дека со субвенциите се зголемува и вкупното производство, а зголемен е и извозот на земјоделските производи. – Во 2015 година извозот на земјоделското производство изнесува 487 милиони евра додека во 2006 година беше 318 милиони евра. Извозот на храна меѓу 2006 и 2015 година е двојно зголемен, а зголемен е и извозот на вино и на тутун. Извозот на сите земјоделски производи расте во овие години и има позитивен ефект врз трговскиот биланс, посочи вицепремиерот Ставрески.