Скопје, 27 август 2012 (МИА) – Нема ниту една причина за промена на курсот на денарот, тој е и натаму најдобра валута за штедење и ќе остане стабилен се додека ВМРО-ДПМНЕ ја води економската политика во Македонија. Ова го истакна денеска вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески отфрлајќи ги како шпекулации и лаги пласираните информации на некои портали и социјални мрежи дека ќе има девалвација на денарот.
– Официјално во име на Владата ги деманитирам овие шпекулациите. Се работи за обична лага и груба невистина која е смислена со цел да се внесе психоза и страв кај населението. Мојата порака до граѓаните и стопанството е да не наседнуваат на вакви обични лаги. Нема ниту една причина за промена на курсот или некаков реален економски фактор што би го оправдал тоа, изјави министерот Ставрески.
Според него, најголем гарант за стабилноста на денарот се девизните резерви кои, како што посочи се на историски највисоко ниво од 2 милијарди и 96 милиони евра и се за 820 милиони евра повеќе во однос на јули 2006 година кога ВМРО-ДПМНЕ ја доби шансата да ја води економската политика и вкупната политика во државата. Покрај тоа, додаде, постои и ниско ниво на буџетски дефицит, како и ниско ниво на задолженост на земјата и извонредна координација меѓу монетарната и фискалната политика што заедно со стабилниот банкарски сектор дава сигурност дека ќе има и понатаму стабилен девизен курс.
Тој апелира до граѓаните и до стапанските субјекти да не направат грешка и да не наседнат на вакви обични лаги, да продолжат и натаму да веруваат во домашната валута, да штедат во денари, бидејќи, како што посочи, така има најдобар принос за нивните заштеди бидејќи каматната стапка на денарите е прилично повисока во однос на каматната стапка на девизите.