Скопје, 17 септември 2015 (МИА) – Граѓаните ќе можат да ги користат субвенциите за купување стан или куќа преку владиниот проект „Купи куќа, купи стан“ и следната година. Ова го најави вицепремирот и министер за финансии Зоран Ставрески на презентацијата од караванот „Купи куќа, купи стан“ која се одржа вчера во Прилеп.

– Проектот „Купи куќа, купи стан“ е добар проект, кој решава едно животно прашање. Досега 640 семејства го решија прашањето за обезбедување на сопствен дом преку овој проект. Затоа решивме тој да продолжи и следната година и ќе обезбедиме за него средства и во буџетот за 2016 година, истакна Ставрески.

Ставрески посочи дека овој проект е наменет за оние луѓе кои имаат потреба од помош на почеток при отплаќање на станбениот кредит, па затоа Владата преку „Купи куќа, купи стан“ обезбедува поддршка за граѓаните така што обезбедува субвенции. Неповратните средства кои граѓаните можат да ги добијат од проектот за купување нов дом можат да достигнат и до 14 илјади евра.

Вчера во Прилеп беше одржана презентација во рамки на Караванот „Купи куќа, купи стан“. На презентацијата на која присуствуваа голем број граѓани беше презентиран проектот, како и локалната понуда на станови и плацеви за изградба на куќи. Караванот продолжува по градовите низ Македонија секоја среда.

Comments are closed.