Љубљана, 25 јуни 2011 (МИА) – Економијата во Македонија следната година ќе оди во нагорна линија за 4,5% врз основа на зголемениот извоз и инвестиции, што ќе биде и зголемување на растот од најмалку 3,5% во 2011, оценува вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески во изјава за новинската агенција Ројтерс. Тој очекува буџетскиот дефицит наредната година да се намали на 2,2% од бруто домашниот производ (БДП) од годинашните 2,5%, иако Македонија планира големи инвестиции во транспортниот и енергетскиот сектор во 2012.
– Годинава веќе има знаци на заздравување на економијата, извозот се зголеми за 44% во првите четири месеци од 2011 година, вели Ставрески во изјава за Ројтерс дадена на маргините на регионалната економска конференција што се одржува во Словенија.
Ставрески смета дека извозот во 2011 ќе се зголеми за 20 до 30 проценти како резултат на високите цени во металската индустрија, која е една од најважните сектори за извоз во Македонија, и преку пласман на нови пазари, како во поранешните држави на Советскиот сојуз, северна Африка и Блискиот Исток.
Во моментов, околу две третини од извозот од Македонија оди во Европската унија.
Во март, Владата повлече 220 милиони евра од Кредитната линија за претпазливост на ММФ во износ од 390 милион евра. И ММФ и Владата предвидоа раст за годинава меѓу 3 и 3,5%.
Ставрески меѓу другото истакнува дека Македонија е сигурна оти ќе успее да ја одржи инфлацијата под 3% на годишно ниво на среден рок, што е намалување на инфлацијата од 4% оваа година.
– Се додека фискалната дисциплина и буџетскиот дефицит ги одржуваме на ниско ниво, мислам дека ќе немаме проблеми да ја контролираме инфлацијата, изјави вицеремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.