Токио, 12 октомври 2012 (МИА) – Меѓународниот монетарен фонд и Светска банка се задоволни како Македонија се справува со европската криза и се подготвени и финансиски да ги поддржат економските политики со 250 милиони евра.
Ова денеска во рамки на Годишните средби на ММФ и Светска банка, кои годинава се одржуваат во Токио, челниците на овие две меѓународни финансиски институции им го пренесоа на вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и гувернерот на Народната банка Димитар Богов.
– Задоволен сум со општата оценка на ММФ и Светска банка дека Македонија добро се справува со последиците од европската криза, како и дека тоа го прави на подобар начин отколку земјите во регионот. Особено од нивна страна беше потенциран фактот дека одржуваме ниско ниво на буџетски дефицит и државен долг кои се едни од најгорливите проблеми во Европа. Позитивно беше оценето и решавањето на прашањето на долгот кон фирмите, изјави министерот Ставрески.
Светска банка ќе ја изрази својата поддршка за македонската економија и во финансиска смисла. Преку два клучни проекти кои се работат со Светска банка, како што посочи вицепремиерот Ставрески, ќе се обезбедат 250 милиони евра заклучно почетокот на следната година. На средбата која вицепремиерот и гувернерот ја имаа со потпретседателот на Светска банка Филип Леру се зборувало за обезбедување на директна буџетска поддршка од банката во висина од 50 милиони долари која треба да ја добиеме до крајот на годинава и како и за гаранцијата од Светска банка за средства што Македонија треба да ги добие од деловните банки на пазарот на капитал во висина од 200 милиони евра кои се очекуваат на почетокот на следната година.
– Поради квалитетните економски политики Светска банка застанува зад нас со гаранција која ќе ја намали цената односно каматната стапка на тие средства. На почетокот на следната година тоа би требало да биде одобрено од Бордот на Светска банка. Ова значи дека дека вкупно 250 милиони евра очекуваме Светска банка да и даде на Македонијна по овие две операции, но ќе има и други инвестициски проекти во делот на енергетиката како Луково поле и други проекти кои Светска банка планира да ги поддржи во Македонија, вели Ставрески.
Средствата ќе бидат наменети за финансирање на буџетот и буџетските потреби и подобрување на ликвидноста на вкупната економија.
– Тие средства ќе ги користиме за целокупната реализација на буџетот во текот на следната година и тие ќе бидат доволни за редовно да ги подмируваме сите потреби, значи нема друг инструмент кој ќе се користи во таа насока. Сметам дека со редовните приходи на буџетот и овие дополнителни средства кои како свеж капитал ќе ги внесеме однадвор сосема добро ќе се справиме со сите предизвици што ги носи актуелното време, рече Ставрески.
Тој додаде дека македонската Влада веќе подолго време работи по рецепт кој денеска го кажа првиот човек на ММФ Кристин Лагард.
– Настојуваме во секој буџет да обезбедиме доволно голем износ за капитални инвестиции и следната година буџетот кој сега го подготвуваме ќе содржи повисоко ниво на капитални инвестции, односно она максимално што можеме како земја да го дозволиме и во тој дел ќе предвидиме средства за крупни проекти од инфраструктурата како што е Коридорот 10, пругата на Коридорот 8 кон Бугарија – првиот дел од Куманово до Бељаковце, ќе има средства за гасификација и ќе има средства за продолжување на некои проекти како се регионални патишта и слично. Сето тоа ќе помогне за ангажман на градежната оператива во Макеоднија, но и за другите индустриски гранки кои се вклучени во тој процес на изградба.
Годишните средби на ММФ и Светска банка се можност за челниците во финансиите да ги разменат мислењата и искуствата со глобалните економски состојби, како и националните економски политики.