Раст на индустриското производство од пет до осум проценти и подобри резултати во работењето во рударството и металната индустрија за годинава очекува вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.
 
– Рударството и металната индустрија ќе имаат добра година, а тоа ќе повлече и подобри резултати на вкупната индустрија. Моите очекувања се дека некаде меѓу пет и осум проценти ќе оствари раст индустријата во текот на 2011 година, изјави вицепремиерот Ставрески по денешната посета на рудникот Бучим во Радовиш.
 
Тој изрази задоволство што рудникот годинава има планови за нови инвестиции и отварање на нови капацитети со што ќе повлече и нови дополнителни вработувања.
 
– Се на се, тоа се добри вести. Значи по кризата имаме и еден инвестиционен циклус во рударството кое е столбот во економијата и ќе повлече со себе и други сектори кои што ќе овозможат постепено економијата да излезе од кризата, рече Ставрески.
 
Прашан дали државата ќе интервенира преку стоковите резерви за да се ублажи порастот на цените на нафтата и на прехранбените продукти вицепремиерот Ставрески рече дека Владата ја следи состојбата и оти кога ќе оцени дека треба да се стори тоа соодветно ќе донесе одлука.
 
– Меѓутоа, факт е дека движењето на цените на светските берзи не е нешто што може во целост да се неутрализира преку интервенции со стоковите резерви, нагласи Ставрески.
 
Од менаџерскиот тим на рудникот Бучим за годинава најавуваат нова инвестиција вредна меѓу 11 и 12 милиони евра. Станува збор за лужење на бакарна руда што првпат ќе се воведе во Македонија и се очекува годишно да се произведат околу 3.500 тони катоден бакар.
 
– Финансиската конструкција е обезбедена, опремата е порачана, а остануваат некои финеси околу одредени дозволи и процедури кои треба да се завршат, истакна Николајчо Николов заменик генерален директор на Бучим.
Планот на рудникот е годинава да бидат преработени околу 15,5 милиони тони рудна маса за разлика од минатата година кога биле пераработени околу 14,5 милиони тони руда.(МИА)