Кратово, 26 јули 2014 (МИА) – Во октомври ќе има покачување на платите за јавната администрација, а следната година и ново покачување на пензиите, најави денеска вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески во одговор на прашање по увидот во градежните работи на свлечиштето кај Кратово.

Тој истакна дека и покрај големите предизвици со кои на економски план се соочуваат во регионот и светот што доведе до намалување на платите и пензиите во повеќе држави, Владата на Република Македонија успева да оржи макроекономска стабилност и да ги зголеми платите и пензиите.

– Неодамна Србија објави дека ги намалува платите и пензиите за 10 отсто, а истото го направи и Португалија. Во некои земји се воведуваат и даноци на пензии, но ние сме далеку од тоа. Со здравите економски политики ќе успееме не само да не дојде до такви случаи, туку и да го реализираме она што е ветено кон граѓаните, а тоа е зголемување на платите во јавниот сектор, почнувајќи со платата за октомври годинава, рече Ставрески.

Покачување на пензиите, додаде, ќе има во текот на следната година. Вицепремиерот и министер за финансии потенцира дека со ваквите економски политики Владата и понатаму ќе ја задржи макроекономската и фискалната стабилност.

– Во вакви времиња кога во другите земји има непопуларни и тешки мерки кои го влошуваат стандардот на граѓаните ние успеваме да се справиме со тешки предизвици и да обезбедиме реален пораст на примањата кои се финансираат од Буџетот, прецизира Ставрески.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.