Вашингтон , 25 април 2010 (МИА) – Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески денеска во Вашингтон ја прими наградата од Светска банка за Македонија која годинава, според извештајот „Дуинг бизнис“, е една од земјите топ-реформатори, јави известувачот на МИА.
– Чувството е убаво кога се добива награда од најреномираната институција во светот за оценка на бизнис климата. „Дуинг бизнис“ ја рангира Македонија на трето место што е голем успех и признание за реформите што се прават за подобрување на бизнис климата. Уште поголем успех е што три години по ред Македонија е рангирана на вака високо место, изјави Ставрески откако ја прими наградата.
Тоа, според него, значи дека во континуитет се спроведуваат реформите и дека сме веќе во групата поуспешни земји од аспект на подобрувањето на инвестицискиот амбиeнт.
– Секако, ова е и поголем предизвик за сите нас и натаму да ги решаваме прашањата што остануваат отворени, каде што има простор за подобрување на состојбите. Очекувам врз основа на плановите и преземените мерки за следниот период, дека Македонија и натаму ќе биде меѓу топ земјите во светот според бизнис климата и реформите, нагласи Ставрески.
Извонредна можност е, додаде, да се види што прават другите земји и каде се успешни, да се преземат дел од нивните искуства.
– Ова беше извонредна можност преку размена на искуствa со другите земји да видиме како можеме некои работи да поправиме со цел да бидеме поуспешни и да овозможиме подобри бизнис услови и за нашите и за странските инвеститори, рече вицепремиерот.
Приоритети на Владата во наредниот период ќе бидат две области – издавањето градежни дозволи (забрзување, поедноставување и поевтинување на постапката за да можат инвеститорите кои располагаат со средства и имат идеја за проширување на бизнисот побрзо да ги реализираат вложувањата) и забрзувањето на судските спорови за решавање на стечајните постапки.
– И тоа на некој начин може да помогне да се подобри вкупниот амбиент, финансиската дисциплина и на некој начин да се постават повисоки стандарди, подвлече Ставрески. Македонија во последниот извештај „Дуинг бизнис 2010“ на Светска банка е рангирана на високото трето место во светот по спроведените реформи за подобрување на бизнис климата. Во однос на ланскиот, направи скок од 37 места. „Дуинг бизнис“ констатира напредок во сите области опфатени со извештајот, освен во делот на градежните дозволи, стечајот и солвентноста.
– Наградите на „Дуинг бизнис“ се потврда за напорите што државите ги вложуваат во реформите за подобрување на деловниот амбиент. Македонија трет пат е меѓу топ-десетте рангирани. Направи голем прогрес особено во делот на регистрирањето фирми и во заштитата на малцинскиот капитал. Признанието од Светска банка практично значи дека се препознаени значајните и одржливите чекори на Владата, изјави Пенелопе Брук директор во „Дуинг бизнис“.
Таа порача дека Македонија треба повеќе да се фокусира на проблемите со издавањето дозволи за градење и во оваа насока да ги искористи странските искуства. Вицепремиерот и министер за финансии Ставрески вчера имаше средби со високи претставници на Светската банка и ММФ, а завчера во седиштето на фондацијата „Херитиџ“ пред американски стопанственици ги презентираше бизнис условите и поволностите што ги нуди Македонија.