Скопје, 24 септември 2012 (МИА) – Економско социјалниот совет на денешната седница разгледа повеќе прашања во делот на крупните инфраструктурни проекти најавени вчера пред бизнис заедницата од страна на премиерот, а со цел давање импулс на забрзување на реализацијата на крупните стратешки проекти кои се од значење на економскиот развој на Македонија.
Како што информира вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески на денешната прес-конференција во Владата на Република Македонија во делот на патната инфраструктура за регионални и локални патишта ќе бидат одвоени дополнителни најмалку 25 милиони евра. Средствата ќе бидат искористени за изградба на нови регионални и локални патишта и продолжување или довршување на патишта што се во тек.
Во однос на автопатиштата, министерот рече дека за концесијата на патните правци Гостивар-Кичево и Скопје-Блаце ќе биде ангажирана ИФЦ за подготовка на постапката за таа да биде направена на најтранспарентен начин и со цел да се мобилизираат поголем број потенцијални концесионери. Како што најави министерот Ставрески, заклучно со вториот квартал во 2013 година се очекува да биде подготвена концесиската документација.
На денешната седница на Економскиот совет во делот на енергетската инфраструктура е разгледана и документацијата за Бошков мост и Луково поле. Ставрески рече дека се работи интензивно на изработка на студија која треба да биде готова до март 2013 година и се очекува во јуни идната година да почне реализацијата на овој проект.
Дискутирано е и за отворање рудници за јаглен пред се во Мариово, Живојно, каде се проценува дека има резерви за 25 години и кои би се искористиле за нови термоцентрали или изградба на нови блокови.
Како што најави министерот, на Советот е дискутирано и за давање под концесија на земјиштето на комбинатот „Џумајлија“, за што се очекува Владата на утрешната седница да донесе одлука. Огласот се очекува да се објави во наредните 10 дена, а во кој ќе бидат пропишани минимален износ на инвестицијата, минимален број вработувања, отворање капацитет за производство на сточна храна, како и подигнување сточарска фарма. Министерот Ставрески истакна дека има сериозен интерес на компании за ова земјиште