22 мај 2018, Скопје – Податокот кој го објави Државна статистика за растот на платите е показател дека економските политики и мерки што ги спроведува Владата даваат резултати, изјави денес за медиумите министерот за финансии Драган Тевдовски. Тој се осврна на објавата на Статистика за раст на мартовската плата за 5,6% на годишно ниво.

– Ако се погледнат првите три месеци годинава во однос на првите три месеци минатата година, растот е околу 5 отсто. Тоа е пред сѐ поради една од првите мерки што ја донесовме, односно зголемувањето на минималната плата, која придонесе околу 90.000 работници во Македонија да имаат поголеми плати. За нас е важно што растот кај платите е предизвикан пред сѐ од растот кај оние работници кои имаат најниски плати. Станува збор за работниците од текстилната, кожарската и индустријата за производство на облека. Тие претходно имаа неправедно пониско ниво на минимална плата. Ако го погледнете последниот извештај за платите во овие три индустрии за текстил, облека и кожа, растот на платите во март годинава во споредба со март претходната година се движи помеѓу 15 и 21 процент – рече Тевдовски.   

Владата неодамна донесе мерка и за финансиска поддршка на покачувањето на платите во трудоинтензивните дејности. Исто така, преку мерките за поддршка на малите и средни претпријатија, како и активните мерки за вработување се очекуваат ефекти врз просечната плата во земјава.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.