12 октомври 2018 – Македонија е прва земја во регионот која ќе воведе гарантиран минимален приход, истакна министерот за финансии Драган Тевдовски во своето обраќање на Годишните средби на ММФ и Светска банка. Министерот обраќајќи се на панел-дискусијата од високо ниво, посочи дека одржлив раст може да се постигне само преку вложување во подобар живот за граѓаните, односно преку подобар систем на социјална заштита, подобро образование, здравство и јавни услуги.

Тевдовски посочи дека приоритет на македонската Влада е членството на земјата во Европската Унија и НАТО. Оваа агенда предвидува подобрување на животниот стандард на граѓаните, владеењето на правото, еднаквоста, квалитетен образовен и здравствен систем. Овие политики се во насока на исполнување на Глобалните цели за одржлив развој.

– Еден од првите чекори на Владата во 2017 година, беше да се зголеми минималната плата и тоа да се однесува на сите вработени. Подготвивме и сеопфатна реформа во системот на социјалната помош и детската заштита. Еден од столбовите на оваа реформа е воведувањето гарантиран минимален приход, со што сме прва земја во регионот со ваква реформа. Со поддршка на Светска банка работиме и на подобрување на системот на социјална заштита. Целта е социјалните трансфери подобро да се таргетираат кон ранливите групи. Исто така, ќе воведеме фер даночен систем. Сите овие мерки се во насока на намалување на нееднаквоста а со тоа постигнување на глобалните цели за одржлив развој – рече Тевдовски.

Министерот Тевдовски се осврна и на значењето на образованието во постигнувањето одржлив развој. Тој рече дека целта на македонската Влада е во наредниот период да се удвои бројот на деца во претшколско образование. Тој истакна дека со Светска банка е потпишан нов проект кој ќе ја подобри покриеноста на претшколското образование, како и дека во Буџетот за 2018 година се издвоени повеќе средства за повисоки плати за вработените во градинките. Исто така, изминатиот период изградени се и реконструирани 24 градинки, а во наредниот период планирано е интензивирање и на ова поле. 

Министерот за финансии рече дека Македонија заедно со меѓународните партнери континуирано инвестира во подобрување на јавните услуги и комуналната инфраструктура. Со поддршка на Европската инвестициска банка се подобрува водоводната и канализациската мрежа, додека со поддршка на Европската Унија се градат пречистителни станици. Како што истакна министерот за финансии, земјата добива голема поддршка и од други меѓународни институции како што се Европска банка за обнова и развој, Светска банка и КфВ банка.

Министерот Тевдовски денес се обрати на настан од високо ниво во рамки на Годишните средби на ММФ и Светска банка. На овој настан говореа и генералниот секретар на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) Анхел Гурија, претседателот на Европската инвестициска банка (ЕИБ) Вернер Хојер, потпретседателот на Светска банка Махмуд Мохеилдин и познатиот професор по економија Николас Стерн.

Македонската делегација на Годишните средби е предводена од министерот за финансии Тевдовски и од гувернерката на Народна банка Анита Ангеловска-Бежоска. Предвидени се повеќе средби на делегацијата со високи претставници на Светска банка и ММФ.

 

Comments are closed.