9 септември 2018, Скопје – Наплатата на даноците покажува интензивирање на економската активност. За 7,4 милијарди денари или 120 милиони евра е повисока наплатата на даноци и придонеси заклучно август. Ова значи поголема активност на фирмите, повисоки плати и нови работни места. Ова денеска на прес-конференција на економскиот тим на Владата го истакна министерот за финансии Драган Тевдовски.
На настанот посветен на економските резултати во второто тримесечје од годинава, присуствуваа и премиерот Зоран Заев, вицепремиерот за економски прашање Кочо Анѓушев и министрите за економија, транспорт и врски и земоделие Крешник Бектеши, Горан Сугаревски и Љупчо Николовски.
Во продолжение е изјавата на министерот за финансии:
“Наплатата на даноците е добар показател за насоката во која се движи македонската економија. Јас би се фокусирал на тековните економски движења од аспект на даночните приливи. Веднаш ќе кажам наплатата на даноците покажува интензивирање на економската активност.
Во првото полугодие од 2018 година, имаме зголемување на наплатата на даноци за 8% во споредба со минатата година или за 4 милијарди денари повеќе.
Кај данокот на добивка имаме подобрена наплата за скоро 19% или 1,3 милијарди денари повеќе.
Значаен раст има и кај придонесите од плати кои растат за 6% или околу 1,5 милијарди денари повеќе од лани. Овие податоци соодвестуваат со показателите на Државната статистика за раст на просечната плата, како и за намалување на невработеноста. Имено, во првата половина од годинава, во Македонија се отворени околу 10.000 нови работни места. Невработеноста во второто тримесечје е намалена за 0,5 процентни поени, или на најниски досега 21,1%. Благодарение на поволните економски движења, но и мерките кои ги презема Владата, платите растат. Како резултат на тоа, во првата половина од годинава просечната плата порасна за 5,6%. Сето ова се одразува на наплатата на придонеси, која како што спомнав, е одлична.
Би сакал да истакнам дека позитивните економски резултати продолжуваат и после второто тримесечје на годинава. Неколку показатели за даночните приходи во периодот до август годинава:
Данокот на добивка е за 25% повисок во однос на лани или за околу 2,1 милијарда денари. Имаме и сериозен раст од 7% на наплатата на придонесите заклучно август или за околу 2,4 милијарди денари повеќе во однос на истиот период лани. Ова ни дава основа да очекуваме добри резултати и во третото тримесечје – и во поглед на просечната плата, како и во поглед на бројот на новоотворени работни места.
Наплатата на даноците е одлична. Заклучно август, наплатата на даноци и придонеси е подобра за 7,4 милијарди денари во однос на истиот период лани. Ова укажува дека економијата е стабилна, а перспективите за раст се добри.
Обврските се покриваат редовно. Повратот на ДДВ кон фирмите е навремен и неселективен. Од почетокот на годината до крајот на август, во стопанството се вратени 15,38 милијарди денари преку поврат на ДДВ. Во август имавме извршено најголем поврат во последните години, во износ од 2,7 милијарди денари. Со обезбедување на ликвидност на фирмите, се поддржуваат нивните тековни, но и инвестициски активности. Во овој период се забележува поголема инвестициска активност на компаниите. Имено, ако се анализира увозот, во периодот од јануари-јули 2018, најголем раст од 19,7% се забележува кај секторот машини и транспортни уреди. Овој податок укажува на раст на инвестициите на фирмите во основни средства. Тоа ќе придонесе за раст на економската активност и во иднина, поголемо производство и нови работни места.
На крајот, врз основа на сите овие показатели може да заклучиме дека економијата се движи во добра насока и да очекуваме резултати и во иднина. Напредокот во евроатланските интеграции ќе биде дополнителен ветер во грб за развој на македонската економија. Заедно со мерките кои ги презема Владата, тие ќе креираат синергија, која ќе обезбеди подобри услови за живот и повисок животен стандард за граѓаните.”