– Повратот на ДДВ кон фирмите се прави навремено и неселективно што е значаен импулс за поддршка на нивните редовни активности и инвестиции – посочи Тевдовски.
Според министерот за финансии Тевдовски и гувернерот Богов, нестабилноста што беше предизвикана од домашните политички превирања во април и мај 2017 година е целосно надмината. Финансискиот систем е стабилен и функционира нормално, без какви било потреси.
– Фискалната политика е во насока да се задржи стабилноста во економијата и во финансискиот сектор, како и да се поттикне економскиот раст. За првпат после осум години има намалување на државниот и на јавниот долг на годишно ниво. Еврообврзницата е издадена во најоптимално време и по најдобри можни услови со што се превенираат ризиците од движењата на финансиските пазари – рече Тевдовски.
Ова е петта седница на Комитетот за финансиска стабилност – тело формирано од страна на Министерството за финансии и Народната банка. Тоа е значаен форум на кој двете клучни институции дискутираат за клучни прашања поврзани со финансискиот сектор и е во насока на одржување на добрата комуникација и координација меѓу НБРМ и Министерството за финансии.