21 мај 2018, Скопје – За првпат после повеќе од 10 години јавниот долг е ставен под контрола. Отплатени се дел од старите долгови, зголемена е рочноста на издадените државни хартии од вредност, намалена е каматната стапка и зголемена е довербата кај инвеститорите, истакна министерот за финансии Драган Тевдовски, кој учествуваше на јавната дискусија на Економскиот факултет насловена „Јавните финансии на крстопат“.
Како што истакна министерот, Владата успешно го менаџира јавниот долг. Иако од претходната Влада е наследен брзорастечки долг, новата Влада за првпат после осум години успева да го намали долгот на годишно ниво.
Владата планира постепена буџетска консолидација, со буџетски дефицит од 2% на среден рок. Како што посочи министерот за финансии, отплатени се стари долгови, а подобрена е структурата на долгот преку зголемена рочност и пониски каматни стапки.
– Зголемена е и довербата на инвеститорите ако се земе предвид дека е издадена еврообврзница со историски најниска каматна стапка од 2,75%, како и државна обврзница со рочност 30 години. Зголемената доверба се гледа и од извештаите на кредитните агенции, како на пример „Фич“ кој го подобри изгледот за рејтингот на земјата – нагласи Тевдовски.
Во своето излагање на Економскиот факултет, Тевдовски најави реформи во јавните финансии до крајот на годинава. Согласно Акцискиот план за спроведување на Програмата за реформа на управувањето со јавните финансии годинава ќе се подготви законската регулатива за нов систем за јавни набавки, за повеќегодишно буџетирање и предпополнета даночна пријава за олеснување на обврските на даночните обврзници.
Во насока на зголемување на транспарентноста како една од најкрупните реформи што ќе се спроведе е објавување на Трезорот на веб, односно целосен увид на јавноста во сите расходи на државната каса во реално време.
Во делот на фискалната транспарентност, Тевдовски истакна дека таа е клучна алатка за подобрување на управувањето со јавните финансии.
– Досега се преземени 15 чекори за зголемувањето на увидот на јавноста во јавните финансии. Тие чекори се однесуваат на објавување извештаи кои досега не се објавувале, зголемување на фреквенцијата на објавување на податоците, јавна дебата за Буџетот, подобрување на веб-страницата на Министерството за финансии, јавно достапна платформа Отворени податоци на Бирото за јавни набавки, изработка на граѓански буџети и приклучување на Македонија кон меѓународниот стандард за владини статистики на ММФ – истакна Тевдовски.
Тевдовски посочи и дека е подобрена наплатата на даноците, како и дека значително е зголемен повратот на ДДВ што ќе придонесе за подобра ликвидност на фирмите и нови инвестиции. Приходите, пак, се насочени кон повеќе средства за активни мерки за вработување, за финансиска поддршка на малите и средни претпријатија, како и за раст на платите во образованието, здравството и во АРМ.
Според министерот за финансии, со креирањето подобар систем за управување на јавните финансии ќе се постигнат повисоки и одржливи стапки на економски раст. Тој рече дека Владата активно работи на подобрување и унапредување на системот на управување со јавните финансии. Направен е значаен чекор во подобрување на системот преку зголемување на транспарентноста, управувањето со јавниот долг, подобрувањето на приходната страна и на реформските закони.