Царинската управа денеска со пригодна свеченост ја одбележа 18-годишнината од стекнатиот суверенитет и контрола врз царинското подрачје на Република Македонија. Новопримените царински работници положија заклетва, а на оние кои имаат навршено 10, 20 и 30 години работен стаж им беа врачени награди.

 

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, кој присуствуваше на свеченоста, рече дека Македонија после толку време може да се пофали со ефикасна, ефективна и модерна царинска служба којашто може да се соочи со предизвиците кои ги наметнуваат современите глобални текови и евроинтеграциите.

 

– Царината стана потпора за бизнисот во земјава и ефикасна алатка во борбата против нелегалната трговија и криминалот и заштитник на интелектуалната сопственост, истакна Ставрески и посочи дека се спроведени интерни реформи со кои се подобрени работните и менаџмент процесите, направени се значителни инвестиции во зајакнување на технолошките капацитети и усогласувања со европската регулатива.

 

Во однос на спроведените реформи насочени кон бизнис секторот, Ставрески ги спомена воведувањето на едношалтерскиот систем за добивање на потребните извозно-увозни дозволи, пакетот од 50 мерки од проектот регулаторна гилотина што се однесуваат на упростување и забрзување на царинските постапки и укинувањето на повеќето административни такси за обработка на царинските документи.

 

– Како земја кандидат за членство во ЕУ од особено значење е оценката од последниот извештај на Европската комисија за успехот во усогласувањето со европското царинско законодавство и напредокот во изградба на административни и институционални капацитети, рече министерот Ставрески, додавајќи дека Комисијата забележала подобрени резултати и во борбата против криминалот и фалсификатите.

 

Во рамки на одбележувањето на Денот на Царината во понеделникот беше организирана крводарителска акција во која беа собрани над 100 единици крв.(МИА)

 

слики од настанот

Comments are closed.