Целта е да ги подобриме условите за да имаме што поголема продуктивност кај идните генерации. Со обезбедувањето подобри можности за нив, инвестираме во развојот на земјата и намалување на сиромаштијата-рече министерот за финансии Драган Тевдовски на конференцијата„Поттикнување на економскиот развој преку развој на човечки капитал во земјите од Западен Балкан“, по повод 25 години соработка на Македонија со Светска банка. Во продолжение е целосниот говор на министерот за финансии.

На почетокот сакам да изразам голема благодарност до Групацијата Светска банка за 25-те години партнерство и поддршка во креирање подобро општество.

Овие 25 години значат километри изградени патишта; училишта и градинки во кои учат стотици деца; подобри општински услуги во секоја општина во земјава и многу други проекти реализирани во овој период.

Во оваа година и пол, Светска банка беше наш значаен сојузник во реформите во јавните финансии.

Би сакал лично да изразам благодарност до потпретседателот на Светска банка за Европа и Централна Азија, г.Сирил Милер. Голема благодарност и до г-ѓа Линда Ван Гелдер, директор за Западен Балкан, како и нејзиниот тим. Се разбира, тука е и Делегацијата на Светска банка во Македонија. Благодарност до Марко Мантованели и тимот за секојденвната поддршка.

Целите на Владата на Република Македонија и на Светската банка се совпаѓаат. Тоа се постигнување одржлив економски развој и подобар животен стандард за сите граѓани. Ова се реални и остварливи цели. За да се постигнат, потребни се инвестиции во инфраструктурата, подобрување на бизнис окружувањето и одржување на макроекономската стабилност.

Но, клучен фактор за економски развој и борба против сиромаштијата е човечкиот капитал! Знаењето и вештините што ги стекнуваат луѓето во текот на својот живот се најважниот ресурс за постигнување на овие цели!

Децата се највредниот ресурс во светот и негова најголема надеж за иднината“, рекол американскиот претседател Џон Кенеди.

Во време кога технологијата и автоматизацијата ја менуваат побарувачката на пазарот на труд, потребно е да вложиме во идните генерации и да ги оспособиме да размислуваат поиновативно, да наоѓаат нови решенија на проблемите. „To think outside the box“ или „to walk the extra mille“. Во македонскиот јазик, а и во балканските јазици, нема соодветна кованица за овие изрази – можеби затоа индексот на човечки капитал не зборува во наша корист J

Каде сме ние во целата оваа приказна?

Ако ги гледаме најразвиените економии во светот како САД, Германија, Норвешка, Швајцарија, Холандија, Австралија, просечниот индекс на човечки капитал е околу 0.8. Односно ова значи дека децата родени сега ќе достигнат 80% од потенцијалната продуктивност доколку имаат квалитетно образование и бидат потполно здрави.

Земјите од Европската унија не заостануваат многу зад просекот на најразвиените економии во поглед на инвестициите во човечкиот капитал. Во просек, потенцијалната продуктивност е 75%, со тоа што распонот се движи од 81% во Финска до 60% во Романија.

Кога станува збор за регионот, потенцијалната продуктивност во просек се движи околу 65%. За Македонија, индексот е 0,53% или 53% од потенцијалната продуктивност.

Политиките треба да се менуваат. Треба да се инвестира во луѓето!

Очигледно е дека изминатите години инвестициите во човечкиот капитал во земјава не биле доволни. Премалку е да се задоволиме нашите деца во иднина да користат само половина од својот потенцијал.

Кога пред година и пол, нашата Влада стапи на функција, како приоритети ги поставивме здравството, образованието и социјалата. Ова се столбовите на нашето општество!

Како министер за финансии, убеден сум дека средствата во овие полиња не смееме да ги гледаме како трошоци. Напротив, станува збор за вложувања кои ќе имаат принос на долг рок.

Во таа насока почнавме да издвојуваме повеќе средства за овие сектори. Во Буџетот за оваа година има издвоено 146 милиони евра повеќе во однос на 2017 година за социјална и детска заштита, образование и здравство. Тоа е зголемување за околу 1,5 процентни поени од БДП.

Оваа година издвоивме средства за покачување на платите во здравството, образованието и детската грижа. Ова беше неопходен чекор. Во некои сектори  платите не беа коригирани со години и сѐ уште се на ниско ниво. Ова се одразува на квалитетот на работата, како и на одливот на квалитетни кадри.

Во Буџетот оваа година издвоени се и досега најмногу средства за активните мерки за вработување. Преку овие мерки, граѓаните што бараат работа можат да се стекнат со вештини и знаења кои соодветствуваат со потребите на пазарот на трудот.

Подготвивме и сеопфатна реформа на системот за социјална помош и детска заштита. Еден од столбовите на реформата е воведување гарантиран минимален приход, со што сме прва земја во регионот со ваква реформа.

Покрај гарантираната минимална помош, истовремено ќе се работи и на градење способна и продуктивна работна сила, преку преквалификација на невработените лица. Предвидено е и да се зголеми опфатот на корисници на детски додаток и образовен надоместок. Крајна цел на реформата е да им се помогне на оние кои им е потребна помош.

Се стремиме кон фер општество! За таа цел имаме подготвено даночна реформа со фер систем за придонес на граѓаните во развојот на општеството. Со реформата ќе се обезбедат повеќе средства за социјалната и детската заштита, образованието и здравството. Односно, таа ќе значи повеќе средства за инвестиција на државата во човечкиот капитал.

Поддршката на Светска банка е значаен инпут во нашиот реформски процес

Досега, Светска банка има вложено околу 433 милиони долари во проекти за развој на човечкиот капитал во Македонија.

Станува збор за проекти за вештини и иновации, модернизација на образовниот сектор, реформа на средното техничко стручно образование, доделување училишни грантови, изградба и реконструкција на училишта и градинки.  Тука се и проектите за поддршка на најранливите категории граѓани, модернизација на здравствениот систем и подобрување на здравствените услуги. Списокот е навистина долг, а на него се  допишуваат нови проекти.

Опфатот на децата во градинки во Македонија e околу 30%. Владата има за цел опфатот да изнесува 50%.

Новиот проект со Светска банка за подобрување на социјалните услуги, несомнено ќе даде голем придонес во тоа. Проектот е насочен кон подобрување на претшколското образование, зголемување на неговиот опфат, како и подобрување на квалитетот на социјалната и детската заштита.

Во новата Стратегија за соработка со Светската банка имаме и други нови проекти за инвестирање во човечки капитал.

Тука е Проектот за примарна здравствена заштита. Тој ќе биде насочен кон реформи и инвестиции во примарниот здравствен сектор.

Тука се и проекти за јакнење на вештините, претприемништвото, проекти од социјалата и животната средина. Вкупната вредност на проектите од стратегијата е околу 400 милиони долари и треба да се спроведе во наредните 4 години.

Би сакал да истакнам дека за нас е значајна и поддршката која Светска банка ја дава во регионот.

Заедно учиме од искуствата едни од други. Со оглед на сличниот background на земјите во регионот, често практиките од една земја може да бидат применливи и за другите.

Ако имаш јасна цел, план и стратегија – на чекор си до целта

Целта е да ги подобриме условите за да имаме што поголема продуктивност кај идните генерации. Со обезбедувањето подобри можности за нив, инвестираме во развојот  на земјата и намалување на сиромаштијата.

Ќе завршам со мисла на уште еден голем американски претседател, Барак Обама:

„Секој од нас е добар во нешто. Секој од нас има нешто да понуди. Имаме одговорност кон нас самите да откриеме што е тоа. Таа можност ја дава образованието“.

Благодарам

Comments are closed.