EU             WB            MKD

Врз основа на договорите за заем за Проектот за подобрување на општинските услуги (ИБРД – 7699 и ИБРД – 8158) финансирани од Меѓународната банка за обнова и развој и Договорот за ЕУ ИПА грант со бр. TF018812 финансиран со средства од ИПА претпристапната помош на Европската Унија, Министерството за финансии го објавува следниот

ЈАВЕН ПОВИК БР. 01/2015

за доставување на барања за користење на средства од ЕУ ИПА грантот за рурална инфраструктура

  1. ПРЕДМЕТ НА ОГЛАСОТ

Предмет на овој оглас е доделување на финансиска поддршка на единиците на локалната самоуправа наменета за подобрување на нивото на општински услуги. Финансирањето на инфраструктурни проекти се очекува да придонесе кон:                               а) подобрување на квалитетот на живот во руралните средини, б) намалување на разликите помеѓу урбаните и/или руралните општини во поглед на нивниот социо-економски развој и в) подобрување на конкурентноста на руралните средини.

  1. ПРАВО НА КОРИСТЕЊЕ НА СРЕДСТВАТА

Право на користење на средствата имаат единиците на локалната самоуправа дефинирани согласно Законот за територијална организација на единиците за локална самоуправа (Сл. весник бр.55/04 и соодветните измени), на чија што територија се наоѓаат рурални средини наведени во Списокот на рурални средини и рурални заедници (Сл. весник бр. 89/2011). Општините кои немаат рурални средини во рамки на својата територија, односно општините: Град Скопје, Чаир и Центар, немаат право на користење на овие финансиски средства.

  1. ВИСИНА И НАМЕНА НА ФИНАНСИСКАТА ПОДДРШКА

Максималната вредност на финансиската поддршка по општина за овој повик е дефинирана како што следува:

Субјект

Максимална вредност на финансиска поддршка (евра)[1]

Урбана единица на локална самоуправа

120.000,00

Рурална единица на локална самоуправа

260.000,00

Средствата се наменети, но не се лимитирани за инвестиции во инфраструктурни проекти за водоснабдување, собирање и третман на отпадни води (пречистителни станици и системи за отпадни води со капацитет еквивалентен на  популација помеѓу 2.000 и 10.000 жители), управување со цврст отпад, изградба или реконструкција на локални патишта и улици, основна инфраструктура која обезбедува достапност до електрична енергија, обновливи извори на енергија, енергетска ефикасност, улично осветлување, уредување и/или изградба на туристички и рекреативни области, изградба и/или реконструкција на општински објекти како што се детски и младински културни центри, детски градинки, училишта, пазари, општински згради, како и останати приоритетни проекти во надлежност на локалната самоуправа.

Прифатливи трошоци во рамките на оваа финансиска поддршка се градежни работи, набавка на добра и услуги поврзани со предложениот проект.

Сите категории на трошоци не вклучуваат финансирање на даноци и други јавни давачки. Согласно Законот за данок на додадена вредност и Царинскиот закон, единиците на локалната самоуправа како имплементатори на предложените проекти ќе бидат ослободени од плаќање на овие даноци и јавни давачки.

Финансиската поддршка изнесува 100% од вредноста на прифатената инвестиција и истата ѝ се доделува на единицата на локалната самоуправа како неповратна.  

Инвестициите наведени подолу не може да се финансираат во рамките на оваа финансиска поддршка:

  • Проекти кои содржат активности поврзани со подготовка на урбанистичка планска документација;

 

  • Проекти кои според класификацијата на Светска банка спаѓаат во проекти од категорија “А“, односно проекти кои значително влијаат врз животната средина и за кои е потребна изработка на Студиjа за заштита на животната средина;
  • Проекти за наводнување на земјоделско земјиште.
  • УСЛОВИ ЗА КОРИСТЕЊЕ НА СРЕДСТВА И ДОКУМЕНТАЦИЈА КОЈА СЕ ПОДНЕСУВА

Секој проект кој ќе биде предложен да се финансира со средствата од оваа финансиска поддршка потребно е да ги исполни следниве критериуми:

  • Проектот да придонесува кон исполнувањето на специфичните цели на оваа финансиска поддршка, односно да биде насочен кон подобрување на квалитетот на живот во руралните средини, намалување на разликите помеѓу урбаните и/или руралните општини во поглед на нивниот социо-економски развој и подобрување на конкурентноста на руралните средини.
  • Проектот да биде во доменот на општинските функции и надлежности уредени со релевантните закони за единиците на локалната самоуправа.
  • Предложениот проект да биде приоритет на соодветната единица на локалната самоуправа согласно нејзините стратешки документи и воедно неговата реализација да биде одобрена од страна на Советот на општината.

При поднесувањето на барањето за користење на средства од ИПА грантот за подобрување на руралната инфраструктура,  потенцијалната единица на локалната самоуправа треба да ја поднесе следнава документација:

  1. Проектно фише, коректно и читливо пополнето на македонски јазик и со кирилично писмо.
  2. Техничка документација за предложениот проект и тоа основен проект во случај кога се работи за градежни работи, односно технички спецификации за набавка на добра.
  3. Одлука од Советот на општината за реализација на предложениот проект.

Во случај кога единицата на локалната самоуправа ќе предложи финансирање на проект кој се однесува на собирање и третман на отпадни води, тогаш во фазата на аплицирање не е задолжително доставување на техничка документација. 

Во рамките на максималната вредност за назначената финансиска поддршка, еден барател може да поднесе најмногу до 3 (три) проекти.

Барателот може да предложи проект кој има поголема вредност од максималната вредност на финансиска поддршка, но притоа потребно е да достави решение за начинот на кој ќе се обезбедат преостанатите средства за целосно затворање на финансиската конструкција на проектот.

  1. ПОДИГНУВАЊЕ НА ОБРАСЦИ И УПАТСТВА

Образецот – Барање за користење на средства, заедно со Упатството за користење на ИПА грантот за подобрување на руралната инфраструктура може да се подигне од веб страната на Министерството за финансии, односно на линкот https://finance.gov.mk/mk/node/1056 или директно во Министерството за финансии на следната адреса:

Министерство за финансии

ул. Даме Груев 12,

1000 Скопје

  1. НАЧИН НА ДОСТАВУВАЊЕ НА ДОКУМЕНТИТЕ

Пополнетите барања за користење на средства од ИПА грантот за подобрување на руралната инфраструктура заедно со целокупната потребна документација се доставуваат на македонски јазик во затворен плик со назнака на предната страна на пликот “НЕ ОТВОРАЈ “, за Јавен повик бр.1/2014. 

Барањето може да се достави по препорачана пошта или лично во Писарницата на Министерството за финансии, во спротивно Министерството не презема одговорност за губење или предвремено отворање на документацијата.

Краен рок за доставување на барањата е 6.04.2015 година. Барањата доставени по предвидениот рок нема да бидат разгледувани.

Подетални информации во врска со овој Повик може да се добијат на адресата наведена подолу во текот на секој работен ден од 8:30 до 16:30 часот.

Министерство за финансии

Проект за подобрување на општинските услуги (МСИП)

Адреса: ул. Даме Груев 12, 1000 Скопје

Телефон: 02 3255 737; 02 3255 736; 02 3255 730

Електронска пошта: goran.trencevski@finance.gov.mk

 


[1] За конверзија на денарите во евра се применува куповниот курс на еврото согласно официјалната курсна листа на Народна банка, објавена на денот на објавувањето на овој јавен повик. 

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.