Скопје, 1 ноември 2011 (МИА) – Агенцијата за супервизија на осигурувањето денеска одбележа две години од постоењето. На свеченоста организирана по тој повод директорот на институцијата Климе Поповски оцени дека пазарот на осигурување во Република Македонија е мал и во фаза на динамичен развој, иако се уште има мало учество во вкупната актива на финансискиот систем во државата.
Забележан е пораст на бруто пласираната премија за 7,6 проценти во првата половина од годинава и тоа 6,3 проценти на неживотното осигурување и 30 отсто на животното осигурување.
Тоа, рече Поповски, укажува дека потенцијалот е голем кај животното осигурување и се надеваме дека во периодот што следи ќе имаме уште поголем пораст.
Според вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, кој присуствуваше на свеченоста, Агенцијата успеала за две години да се етаблира како професионално, независно и компетентно регулатно тело што успешно ја остварува целта на зајакнување на стабилноста, ефикасноста и конкуретноста на пазарот на осигурување.
– Нема подобра потврда дека нашата Агенција за супервизија е на добар пат од последниот Извештај на Европската комисија за напредокот на Република Македонија во кој посебно се истакнува напредокот на пазарот на осигурување, истакна Ставрески.
Најави дека Владата ќе продолжи со поддршката на Агенцијата и на развојот на пазарот за осиругување и во таа насока го спомена донесувањето на законот со кој ќе се овозможи реализација на проектот за осигурување од ризикот од катастрофи Европа Ре. Кон крајот на 2012 година ќе биде донесен и нов закон за осигурување со кој во целост ќе се имплементираат европските стандарди за солвентност на осигурителните друштва.
– Донесувањето на тој закон ќе придонесе за зголемување на довербата во финансиската стабилност во осигурителниот сектор, намалување од ризикот на несолвеност на друштавата и рано предупредување до супервизорите на пазарот на осигурување со цел навремена интервенција и спречување на подоцнежни последици, рече Ставрески.
На осигурителниот пазар во Македонија функционираат 15 друштва, кои се во доминантна сопственост на странски инвеститори, а само едно е во сопстевност на домашни инвеститори.
Двегодишнината од постоењето Агенцијата го одбележа и со доделување на наградата за млад истражувачки труд од областа на осигирувањето и управувањето со ризик која годинава му беше врачена на Милан Илисковски.
Агенцијата за супервизија на осигурувањето е основана на 1 ноември 2009 година како независно регулатно тело со основан мисија да се грижи за законско ефикасно осигурување на пазарот на осуигурување со цел заштита на правата на осигурениците и корисниците на осигурителните услуги.