Скопје,  30 март 2013 (МИА) –   Владата го прифати барањето на Адвокатската комора  и адвокатите за ставање надвор од примена на Законот за адвокатски маркички, со што ќе се овозможи фискализација на адвокатските услуги.

 

– Министерството за финансии на првата седница на Владата ќе предложи измена на Законот со цел да се стави  вон сила и да се премине на вообичаениот систем на одданочување на услугите на адвокатите во делот на готовинските трансакции  преку фискални апарати, а  во делот на плаќањето  преку жиро сметка тоа ќе се биде вообичаено,  информира денеска на прес-конференција вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.

 

Зависно од тоа колку ќе трае постапката во Собранието, Ставрески очекува најверојатно  кон крајот на април или почетокот на мај законот да биде донесен со  што за адвокатските услуги ќе стапат во сила  постоечките закони за воведување фискален апарат за регистрација на готовинските плаќања.

 

Со тоа, оцени вицепремиерот Ставрески, им се излегува во пресрет на адвокатите со цел да се воспостават еднакви услови на пазарот и функционален систем за практична примена на даночната  постапка.  Како што појасни се овозможува на наједноставен и најтранспарентен начин адвокатските  да бидат изедначени со сите останати интелектуални услуги. На тој начин идентично работат и извршителите, нотарите, стоматолозите, докторите, книговодствените бироа…

 

– Со ова Владата уште еднаш покажа конструктивност кога станува збор за  разговори со одделни структури во општеството  во насока на изнаоѓање решенија што се најпрагматични, најсоодветни за соодветната фела, а од друга страна сепак  да го заштитиме даночниот систем и плаќањето на даноците да не биде доведено во прашање, односно следењето на плаќањето на даноците  оосбено кога станува збор за готовинските плаќања да се врши преку фискализација и фискални апарати, рече Ставрески.

 

Претседателот на Адвокатската комора Никола Додевски оцени дека новото решение претставува значен чекор за зачувувањето на независноста и на  иднината на адвокатурата што биле доведени во прашање со сегашниот закон, кој бил  површен пристап на адвокатите кои го предложиле.

 

– Но, сега, за среќа, се прифатени аргументите што ги изнесоа адвокатите, се става вон сила Законот, а адвокатите ќе продолжат да работат како  што досега работеле на своите жиро сметки, а пак  со регистрација на готовинските плаќања на идентичен начин како  што тоа го прават веќе три месеци адвокатскте друштва кои се  исто така дел од адвокатската професија со фискални апарати   за регистрација на готовинското плаќање, појасни Додевски.

 

Готовинското плаќање, додаде, е опција што адвокатот одредува дали ќе ја користи или не, а пак  регистарската каса претставува само  можност доколку кандидатот работи со готовински плаќања да ги евидентира плаќањата без инволвирање на судовите што досега беше најголемиот  проблем што го предизвикуваше Законот за адвокатска маркичка. Сега адвокатот  самостојно ќе си  ги регулира односите со државата, без никакви пречки,  посочи Додевски.

 

Директорот на УЈП Горан Трајаковски  рече дека е задоволен од  тоа што адвокатите дошле до сознанија дека треба да бидат еднаков и рамноправен играч на пазарот и  го одбрале патот на фискализацијата.

 

– Единствено може да изразам жалење што  адвокатите го одбраа потешкиот пат за разлика од сите останати дејности во Македонија  со нивното инсистирање да се воведе Законот  за адвокатски маркички, но добро е што навреме на самиот почеток се увиде исправноста на процесот на фискализација, истакна Трајковски.

 

Comments are closed.