12 октомври 2019, Скопје – Економската соработка меѓу Република Северна Македонија и Велика Британија, новата реалност што ја диктира Брегзит и обезбедувањето поддршка за имплементирање на проектот за подобрување на фискалната одржливост, ефикасност и траспарентност на управувањето со јавни финансии беа главни теми на разговор на првата средба на министерката за финансии Нина Ангеловска и британската амбасадорка  Рејчел Галовеј. 


Надворешно-трговска размена меѓу двете земји има растечки тренд. Во 2018 година бележи годишен раст од 9,3 проценти, со стоковна размена од 832,2 милиона евра, додека растот во првите седум месеци од 2019 година е поизразен и изнесува 43,8 проценти во споредба со истиот период од 2018 година. Во 2018 година извозот во Британија оствари годишен раст од 46,7 проценти, додека во периодот јануари – јули 2019 година изнесува 31,1 проценти.


Министерката Ангеловска и амбасадорката Галовеј се заложија за продолжување на позитивниот тренд во размената и во таа насока во тек се преговори со Велика Британија за склучување на билатерален Договор за партнерство, трговија и соработка помеѓу Република Северна Македонија и Обединето Кралство, кој ќе претставува продолжување на сегашниот договор за Стабилизација и асоцијација помеѓу ЕУ и Република Северна Македонија, откако Велика Британија ќе излезе од ЕУ.


 

Comments are closed.