22 ноември 2019, Скопје – За 1,7 милијарди денари намалени се доспеаните обврски на институциите, општините, локалните установи, во првите девет месеци годинава споредено со истиот период лани. Ова го истакна министерката за финансии Нина Ангеловска во интервју за Телевизија 24.
Како што посочи министерката, иако во текот на годината институциите и општините оперативно преземаат нови обврски, важно е дека кумулативно износот на обврски се намалува. Преку системот на евиденција на обврските, покрај тоа што се обезбедува фискална транспарентност, се подобрува и фискалната дисциплина кај институциите и општините.
Министерката за финансии рече дека општините во голем процент ја искористиле еднократната државна помош за сервисирање на долговите, односно околу 98% од предвидените средства.
Ангеловска посочи дека и преку новите алатки за транспарентност ќе се подобри фискалната дисциплина на сите јавни субјекти. Преку платформата за транспарентност „Отворени финансии“ јавноста ќе може да ја пребара секоја транскакција на сите буџетски корисници, ќе може да се види кон која компанија, кон кое физичко лице се извршила исплата кој буџетски корисник колку средства исплатил.
-Тука се зголемува значително транспарентноста, се става во рацете на граѓаните една алатка со која тие ќе можат да влијаат на поодговорно трошење на средствата од страна на сите ресори и од страна на сите буџетски корисниц. Кога знаете дека одреден податок е достапен за јавноста попретпазливи ќе бидете како ги трошите средствата – рече Ангеловска.