1 април 2020, Скопје – Три сценарија за влијанието на кризата предизвикана од коронавирусот врз Буџетот на државата и неговите приходи предвидуваат пад на приходите од 40% до 65% во однос на претходната година. Министерката за финансии Нина Ангеловска денеска на прес-конференција ја соопшти реализацијата на приходите во март – првиот месец кога започнаа ефектите од здравствената криза, како и можните исходи годинава.

Таа посочи дека реализацијата на Буџетот годинава започнала добро, и дека првите два месеца ликвидноста била одлична, како и на почетокот на март. Наплатата на вкупните приходи во јануари била за 4,6% и во февруари за 4% повисока во однос на минатата година, резултати што биле во рамки на проекциите.

– Преземањето на мерките за заштита од ширење на ковид-19 и ставајќи го здравјето на граѓаните на прво место, делуваше врз намалување на економската активност, што очекувано почна да се рефлектира на полнењето на буџетската каса. Почнувајќи од 20 март, односно кога почнаа да се чувствуваат ефектите од здравствените мерки преземени за спречување на ширењето на коронавирусот, се забележува остар пад на даночните приходи од околу 25% на дневно ниво. Ова доведе до пад на вкупните даночни приходи во март за 11% во однос на претходната година. Ова се должи на пад на наплатата на ДДВ за март за 17%, пад на акцизата за 11% и пад на данокот на добивка за 11%, и тоа со предвреме уплатена аконтација од општествено одговорни компании во контекст на помош за кризата од коронавирусот – рече Ангеловска.

Министерката изјави дека изминатиот период во Министерството за финансии се изработувале повеќе сценарија за исходи од оваа криза, односно како истата би влијаела врз остварувањата на приходите во Буџетот во текот на 2020 година. Таа посочи дека потребата за финансирање на дефицитот ќе зависи од тоа колку ќе падне наплатата на приходите.

– Кај првото сценарио, поволното, предвиден е пад од 20% на вкупната приходна страна на консолидираниот Буџет во однос на планот. Тоа би значело намалување на приходите за околу 700 милиони евра, односно тоа значи дека за исто толку би се зголемил дефицитот и потребите за финансирање. Кај второто сценарио, неповолното, падот на буџетските приходи би изнесувал околу 30% со што потребите би се зголемиле за околу 1 милијарда евра.  И кај третото, најнеповолното сценарио, доколку приходите паднат за 40%, дополнителните потреби би биле околу 1,3 милијарди евра. Важно е да сме подготвени и за најлошото сценарио, а секако да преземаме мерки и да повлекуваме соодветни чекори за да се случи најдоброто. Будното следење, агилноста и флексибилноста на владите се клучни за делување  и справување со овој здравствено-економски шок – заклучи Ангеловска.

Што се однесува до расходната страна, посочи Ангеловска и покрај предвидените зголемени потреби за здравствениот сектор, како и економските мерки кои ќе се преземаат со цел амортизирање на ударот врз економијата – сите сценарија предвидуваат речиси целосна реализација на расходната страна во износ, односно истата да остане 3.9 милијарди евра. Но, како што кажа министерката, структурата на расходната страна ќе се промени значајно -со реалокации на буџетските ставки со цел дополнително обезбедување на здравствениот сектор пред се а потоа и реализација на економски мерки со цел намалување/амортизирање на ударот.

-За секое од овие сценарија подготовуваме и сценарија за финансирање. Непредвидливоста и ранливоста на пазарите на капитал носи голем предизвик и при креирање на овие сценарија. Како што информиравме во тек е постапка за обезбедување на средства од Меѓународниот монетарен фонд, Светска банка и инструментот премостување до обврзница. Постапките се во тек и се очекува до мај да ги обезбедиме овие средства. – рече Ангеловска.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Comments are closed.