9 април 2020, Скопје – Мерката 14.500 денари плата по вработен се однесува на сите фирми што се погодени од кризата од коронавирусот, како и на самостојните вршители на дејност. Аплицирањето е лесно, а условите едноствани, истакна министерката за финансии Нина Ангеловска на гостувањето во емисијата „Економски магазин“.

Таа посочува дека забуна е што се смета дека овие средства се наменети за исплата на нето-плата. Ангеловска го посочува Законот за работни односи согласно кој во услови на прекин на работниот процес поради виша сила фирмите можат да исплаќаат 50% од платата, што би значело ако во угостителскиот сектор каде што просечна нето-плата е 18.000 денари, со средствата од мерката се покрива сервисирање и на платата и на придонесите.

– Законот за работни односи, член 112, вели дека при прекин на работен однос работниците може да се пуштат со 70% плата, а во случај на виша сила може да се пуштат со 50% плата. Значи, ако разговараме за угостителскиот сектор, кој според Државниот завод за статистика вработува 30.000 лица кои имаат бруто-плата од 26.000 денари и нето-плата од 18.000 денари за 2019 година, компаниите за да ги задржат работниците ги пуштиле дома со 50% плата, што значи дека тие имаат нето-плата од 9.000 денари. Нето-плата од 9.000 денари со придонеси и персонален данок изнесува 14.500 денари, што значи дека во овој случај мерката комплетно ја покрива таа плата од 50% за компаниите коишто веќе го направиле тоа –вели Ангеловска.

Министерката за финансии посочува дека мерката е отворена за сите работодавачи.

– Едниот услов е да им е паднат приходот за 30%, тука гледаме кој колку е погоден. Кога зборуваме за 30% пад на приходот, зборуваме за април и мај, бидејќи за април ќе аплицирате на крајот на април, односно на почетокот на мај и ако во април ви е паднат приходот за 30% споредено со месечниот просек од 2019 година вие го исполнувате тој услов. Понатаму, имаме предвидено за оние што се регистрирани подоцна да го земат просекот од месеците откако почнале со работа, а за сезонските работници се споредува кварталот со релевантниот квартал претходната година – пад од 30%. Кој е вториот услов – да не исплаќаат дивиденди и бонуси од денот на објавување на уредбата, а тоа е од завчера, до денот на користење на помошта. Третиот услов е плата над 120 илјади денари да немаат над 10 посто од вработените. Значи зборуваме за навистина едноставни услови кои ги опфаќаат сите работодавачи – рече Ангеловска.

Ангеловска истакна дека аплицирањето оди многу едноставно.

– Во Управата за јавни приходи на системот е-даноци компаниите пополнуваат барање до 5-ти во месецот, значи до 5-ти мај за претходниот месец, дека ги исполнуваат условите, изјавуваат под морална и кривична одговорност дека им се паднати приходите за 30%, штиклираат само неколку полиња и го пополнуваат барањето. Во рок од три дена, УЈП ги информира за комплетноста на барањето, кој е сега и објавен. Потоа, компаниите во МПИН образецот што го пополнуваат на месечно ниво за исплата на плата, штиклираат за кој работник побаруваат помош. Штиклираат, да речеме, 10 лица, или колку и да штиклираат, и тука велиме дека во полето за шифра внесуваат 619 ако ја користат само оваа мерка или 621 ако го имаат и она покачување на платите и придонесите. По аплицирањето, до 13-ти во месецот тие ќе ги добијат средствата на нивната сметка. Како? УЈП, преку посебна програма отворена за оваа мерка, ја информира Владата, Владата ги исплаќа на сметка на работодавачот и истиот треба, согласно со законот, до 15-ти во месецот да ги уплати платите односно МПИН-от да го помине во банка – вели Ангеловска.

Таа нагласи дека мерката важи и за самостојните вршители на дејност.

– Истата мерка, за финансиска поддршка од 14.500 денари, важи и за самостојни вршители на дејност. Сите овие занаетчии што беа споменувани се регистрирани како самостојни вршители на дејност и процесот на апликација за истите оди наместо преку е-даноци, преку Е-ПДД системот на УЈП. Исто така уредбата е објавена како и формуларот, а процесот е многу едноставен, бидејќи не е истиот на МПИН кај самостојните вршители на дејност. Во нив спаѓаат голем број од занаетчиите, голем број козметичари, фризери и така натаму, и за нив е отворена мерката за поддршка со мали модификации, бидејќи е различна формата на регистрирање – посочи таа.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Comments are closed.