12 април 2020, Скопје – Мерката 14.500 денари по вработен е финансиска поддршка, која за фирмите што се афектирани од кризата предизвикана од коронавирусот претставува ликвидносна инјекција и помош за исплата на плати. Компаниите може да ја искористат мерката за да ги задржат тековните плати на вработените кои одат на работа, за да ги подмират целосните или најголемиот дел од трошоците за исплата на плати на работниците кои, поради кризата, не се на работа, но воедно може да користат и комбинација од мерката за поддршка за исплата на минимална плата и мерката за субвенција на придонеси за поголема плата. Министерката за финансии, Нина Ангеловска на прес-конференција ги презентираше деталите за мерката и како да се аплицира за истата.
– Има компании што се трудат да се справат со кризата, кои работат но имаат 30-40-50% пад на приходите. Целта на оваа поддршка е да можат да ги задржат работниците и покрај намалениот обем на работа, и да можат да ги задржат платите или барем да ги задржат на пристојно ниво. Така, ако тие исплаќаат на пример, бруто-плата од 30.000 денари, половина ќе може да ја покријат преку оваа мерка, со поддршката што ќе ја искористат. Потоа, има компании кои се со НУЛА приход – такви се угостителите, кои ги земав за пример при појаснувањето. Тие, поради виша сила, ги пуштиле работниците дома со 50% плата. Кај нив нето-платата изнесува 18.000 до 20.000 денари. Ако тие сега исплаќаат 9000 или 10.000 денари плата на работниците, со оваа мерка ќе ја покријат целата бруто-плата ако нето-платата е 9000 денари, а ако нето-платата е 10.000 денари, тие ќе треба да покријат околу 1.000 денари дополнително. Но што е важно да имаме предвид – оваа мерка може да се комбинира со мерката за „субвенции на придонеси при покачени плати“, којашто ја користат 26.000 компании за околу 140.000 вработени – рече Ангеловска.
Министерката посочи дека работниците преку оваа мерка добиваат извесност дека ќе го задржат работното место и по завршувањето на кризата.
– Да, можеби вработениот ќе добива надоместок понизок од вообичаениот, зависно во кој сектор работи, зависно од можностите на работодавецот, но од друга страна, трошоците му се намалени, голем дел од работниците се дома, не одат на работа или одат со скратено работно време, дел од оние кои имаат кредити нема да ги плаќаат овој период, а кога кризата ќе помине, ќе може да се вратат на работното место и да продолжат да заработуваат – рече Ангеловска.
Таа истакна дека мерката е наменетa за секоја фирма која има намалување на приходите од најмалку 30% во април и мај во однос на месечниот просек од 2019 година или во однос на месечниот просек од основањето на компанијата, за регистрираните компании после март 2019 година, или во однос на сезонскиот просек од последните 4 месеци спореден со сезонскиот просек од претходната година, за фирми од специфични сезонски дејности. Воедно, фирмите не треба да исплаќаат дивиденди, бонуси, годишни награди, награди за деловна успешност за времетраење на мерката, како и просекот на највисоките нето-плати на 10% од вработените да не надминува 120.000 денари по вработен.
Ангеловска рече дека мерката може да се користи за сите работници освен за вработените со плата над 39.900 денари, за оние за кои се користи ослободување од плаќање придонеси од проектот „Македонија вработува“, како и доколку работодавецот ја користи мерката од првиот сет економски мерки за субвенционирање 50% од придонесите, која е алтернатива на оваа мерка.
– Тука ќе напоменам дека во јавноста имаше дилеми кои сакам да ги разјаснам. Направивме прилагодување на мерката за да има поголем опфат, односно, за мерката можат да аплицираат фирми за работници за кои ја користат мерката за субвенција на придонеси за покачување на платата од 600 до 6.000 денари. Понатаму, мерката може да ја користат и управители и сопственици на микро и мали претпријатија вработени во нив и истата можат да ја користат без оглeд на искажаниот финансиски резултат за претходната година – нагласи Ангеловска.
Во однос на начинот за аплицирање, министерката рече дека истиот е едноставен и лесен и нема потреба од ангажирање консултанти и обемни процедури.
– Прво, се пополнува барање за исполнетост на условите до 5-ти во месецот за претходниот месец преку системот е-даноци. Во рок од 3 дена УЈП ја потврдува комплетноста на барањето. Понатаму, следи пополнување на МПИН образецот, во полето 3.23 се внесува шифра 619 (ако се користи само оваа мерка) или шифра 621 (ако се користи во исто време и мерката за субвенционирање на придонесите за покачување на платите). До 13-ти во месецот работодавецот на својата трансакциска сметка добива исплата на финансиската поддршка. До 15-ти во месецот треба да се исплати платата за претходниот месец – рече таа.
Ангеловска посочи дека работодавецот кој ќе ја користи мерката треба да го задржи истиот број вработени до јули 2020 година (сметано во однос на месецот за кој добил финансиска поддршка), што е олабавување на условот со измена на уредбата од 4 на 2 месеца. Во врска со искористените средства, работодавецот кој ја користи мерката, ако не оствари добивка за 2020 година, не ги враќа средствата земени преку мерката на државата. За другите работодавци враќањето е лимититирано до износ од 50% од добивката пред оданочување, зголемена за оданочивите расходи.
– Со ваквиот лимит, и извесноста на очекуваните финансиски резултати, за голем дел од компаниите ова ќе биде неповратна финансиска поддршка во целост или во одреден дел. Дополнително, во преговори сме со Светска банка за поддршка на оваа мерка, односно финансирање на половина од предвидениот износ за мерката со заем преку банката. Ова би значело и техничка поддршка од Светска банка за реализација на мерката. При овие преговори разгледуваме и евентуална можност за олабавување на механизмот за враќање на средствата од страна на компаниите кои ќе остварат добивка по кризата, со воведување одредени критериуми. Набргу ќе имаме конкретни резултати и ќе известиме и за ова – рече Ангеловска.
Таа посочи дека за сите информации околу мерката на располагање стојат кол-центарот на Владата, како и Министерството за финансии и УЈП.