3 октомври 2020, Скопје – Еден од приоритетите за финансирање преку четиригодишната Рамка за соработка со Светска банка е Интегрираниот информациски систем за управување со финансии – ИФМИС, посочи министерот за финансии Фатмир Бесими на средбата со директорката на Светска банка за Западен Балкан Линда Ван Гелдер. Овој систем ќе обезбеди интегрирано следење на приходите и расходите од нивно планирање до целосна реализација, со што ќе се подобри и буџетирањето и реализацијата.
Како што посочи министерот за финансии, овој систем е дел од новиот Закон за буџети, кој од неделава е поставен на ЕНЕР за јавна дискусија. Новиот концепт на функционирање кој се предвидува со оваа реформа ќе донесе подолгорочно планирање, зајакнување на програмското планирање, следење на реализација на проектите и согласно тоа понатамошна распределба на средства. Со воведувањето на овој концепт ќе се решат повеќе прашања, вклучително и планирањето и реализацијата на капиталните инвестиции.
Министерот посочи дека имплементирањето на овие реформи, односно на концептот СМАРТ финансии – систем кој е стратегиски и кој мери резултати, е од исклучително значење за реализацијата на поставените развојни цели. Тој посочи дека ако изминатите 10 години просечната стапка на економски раст во земјава изнесувала 2,6%, таргет на Владата по надминување на ковид-кризата се стапки на раст од 4% и повеќе. Покрај нов реформиран систем на јавни финансии, кон ваквиот развој би придонеле и реформите во насока на поголема конкурентност, инвестициите во човечки капитал, дигитализацијата, ориентираноста кон зелена економија, борбата против сивата економија и други структурни реформи кои би го зајакнале системот.
На средбата беше разгледана и реализацијата на четиригодишната стратегија, односно Рамката на соработка 2019-2023 со Светска банка. Проектите во четиригодишната стратегија се фокусираат на три области: извозно-ориентиран раст инклузивен раст и одржлив раст. Досега во рамки на стратегијата, Светска банка ги има одобрено следните проекти: Проектот за модернизација на социјалната администрација, Проектот за локални патишта, Проектот за модернизација во земјоделството, Проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор, Проектот за олеснување на трговијата и транспорот во Западен Балкан и Проектот за итни реакции за справување со Ковид кризата.
Во текот на следната недела на Собрание ќе се разгледува Предлог-законот за Проектот за итни реакции за справување со Ковид-19. Станува збор за заем од 90 милиони евра со кој ќе се опфати здравствениот сектор, ќе се обезбеди привремена поддршка за социјална помош и привремена поддршка за надоместок во случај на невработеност.