Скопје, 16 јули 2015 (МИА) – Владата на Република Македонија на денешната седница го усвои ребалансот на Буџетот за 2015 година.
Како што информира вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески на денешната прес-конференција во Владата, се работи за измена која не е голема по обем и која вклучува поместување на позициите таму каде политиките, мерките и проектите на Владата го налагаат тоа, без притоа да ги измести основните макроекономски параметри.
– Ребалансот не вклучува кратење на буџетите на ниту еден буџетски корисник, туку претставува поместување на одредени позиции таму каде што поради одредени политики, мерки и активности треба да се додадат средства или каде што проектите се одвиваат подобро од првично планираното. Појдовните претпоставки за изработка на ребалансот вклучуваат и ревидирање на проекциите за БДП и за движењето на приходната и расходната страна, рече Ставрески, нагласувајќи дека БДП за 2015 година е ревидиран на 3,5 процентен раст, а буџетскиот дефицит ќе изнесува 3,6 проценти од БДП.
Ревидирањето на БДП, прецизира Ставрески, се базира на два факта од кои првиот е дека во првите три месеци од годинава имаше солиден раст на економијата од 3,2 проценти, но во вториот квартал, како што рече, имаше пролонгирање на политичката криза во земјава и неизвесност заради должничката криза во Грција. Тоа, додаде, секако е фактор на ризик кој бара ревидирање на вкупните проекции и затоа Владата и Министерството за финансии сметаа дека проекцијата за БДП треба да се ревидира од 4 на 3,5 проценти.
Тој посочи дека Буџетот во првата половина од годинава е во добра кондиција и додаде дека на приходната страна буџетските приходи се подобри и од очекувањата и од планираните.
– За околу 14 проценти се повисоки буџетските приходи во однос на истиот период од 2014 година, што во однос на планираното е некаде околу 6 процентни поени повеќе прибрани буџетски приходи отколку што се планираше за првите шест месеци од оваа година, рече Ставрески.
Нагласи дека добрите резултати на приходната страна се микс на дивергентни движења на одделни даночни приходи.
– Кај ДДВ имаме нешто пониско остварување од планираното, но тоа е целосно искомпензирано со повисоките приходи од данокот на добивка и акцизите. Вкупно земено, приходите се појаки и поголеми од планираните, што создаде добра ситуација во смисла дека Буџетот е во добра финансиска кондиција и ребалансот се прави од таа појдовна основа, појасни Ставрески.
Истакна дека со ребалансот се предвидува зголемувањето на приходите на приходната страна да изнесува 3,562 милијарди денари.
– Тоа е резултат на повисоките даночни приходи кои, согласно со новата проекција, ќе бидат за 6,051 милијарда денари повисоки од првично планираните. Неданочните и капиталните приходи, пак, ќе бидат за 1,73 милијарди денари пониски од првобитно предвидените, рече Ставрески.
Кај сметките од самофинансирачки активности, потенцира, има проширување за 769 милиони денари, а кај придонесите намалување од 1,528 милијарди денари.
– На расходната страна, вкупните расходи ќе бидат повисоки за 5,204 милијарди денари, при што капиталните расходи ќе бидат повисоки за 1,115 милијарди денари. Најзначајно е што се обезбедуваат дополнителни 370 милиони денари за интензивирање на изградбата на гасоводната мрежа од Клечовце кон Штип. Покрај тоа, обезбедени се и 60 милиони денари за реновирањето на Студентскиот дом „Гоце Делчев“, 245 милиони денари за кофинансирање на ИПА проекти, проширување на буџетот наменет за изградба на училишните спортски сали и реновирање на училиштата за 220 милиони денари, за 370 милиони денари се зголемени средствата од кредитот на ЕИБ за изградба на водоводи и канализации.., рече Ставрески.
Додаде дека кај трансферите има зголемување во Министерството за труд и социјална политика за 428 милиони денари, во Фондот за здравствено осигурување за 111 милиони денари, во Фондот за пензиско осигурување за 115 милиони денари…
– Направени се и корекции во делот на расходната страна. Кај платите вкупното зголемување ќе изнесува 631 милион денари, во кои е вклучено и зголемувањето на платите за полицијата што беше претходно извршено, рече Ставрески и најави дека ќе се реализира и предвиденото зголемување на пензиите од 5 проценти, почнувајќи од октомвриската пензија.