Владата донесе одлука за преку 70 проценти да ја намали цената за откуп односно приватизација на градежно земјиште за фирмите.
 
– За над 70 проценти се намалува цената за приватизација на изграденото градежно земјиште кое го кoристат фирмите, изјави денеска вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.
 
Во првите три реони што го опфаќаат Скопје и 20 други општини цената за метар квадратен од 22 евра се намалува на пет евра за метар квадратен доколку сумата се плати одеднаш во денарска противредност, а седум евра би чинело доколку се плаќа на рати за десет години.
 
Во четвртиот реон кој, исто така, опфаќа околу дваесетина помали општини откупот за метар квадратен ќе чини 2,8 евра доколку се плати во готово, а четири евра доколку се плаќа на рати.
 
Во петтиот реон што опфаќа над 40 рурални населби едно евро ќе чини метар квадратен доколку се плаќа одеднаш, односно доколку се плаќа во готово, а 1,5 евра на рати на десет години.
 
– Ова е едно барање кое што произлезе од нашите средби со компаниите и со трите стопански комори во земјата, изјави Ставрески.
 
Тој посочи дека оваа уредба на Владата се однесува и на веќе доставените барања на фирмите за приватизација на земјиштето.
 
Ставрески потенцира дека не е предвиден рок до кога да се доставуваат овие барања од страна на домашните стопанственици и оти проблематиката е уредена со Уредба од страна на Владата. – Нема рок. Ова е уредба која што со денешното усвојување од страна на Владата и објавувањето во Службен весник стапува во сила. Се додека не се донесе нова уредба оваа ќе биде важечка, рече вицепремиерот.
 
Оваа крупна одлука на Владата според Ставревски е во насока на заокружување на сопственоста на земјиштето и од која се очекува да придонесе за нови сериозни инвестиции од страна на домашните фирми, но и за нови вработувња.
 
– Стопанствениците во многу наврати го истакнуваа тоа како основен предуслов за да ги зголемат сопствените инвестиции и да отворат нови работни места и ние со ова им го овозможуваме тоа да се случи. Го изразуваме задоволството што преку непосредни средби со коморите, со фирмите дојдовме до овој заеднички предлог кој верувам дека ќе предизвика сериозни инвестиции во Република Македонија и отворање нови работни места, што е основната цел на Владата на Република Македонија, изјави Ставрески.(МИА)