Скопје, 24 јуни 2016 (МИА) – Владата на Република Македонија вечерва на седница го усвои Предлог-ребалансот на буџетот за 2016 година, со кој има пари за плати, пензии и социјални трансфери, а капиталните расходи остануваат на високо ниво.
Како што образложи на прес-конференција министерот за финансии Кирил Миноски, потребата од носење на овој ребаланс се должи на промената на проекцијата за растот на БДП од првично предвидените 4 проценти на 2,3 проценти.
Појасни дека како резултат на промените на проекциите во растот на БДП неопходно е да се изврши соодветна корекција на проекциите на вкупните приходи и вкупните расходи. На приходната страна имаме намалување на проекциите за околу два процента или за 3 милијарди денари, додека на расходната страна има намалување за 804 милиони денари, рече Миноски.
– Она што сакам да го споделам со граѓаните е дека со ребалансот не се загрозени платите, пензиите и социјалните трансфери, а кај капиталните расходи има извесно намалување, но тие сепак остануваат на високо ниво и се поголеми за 3,8 милијарди денари во однос истиот период лани, потенцира Миноски.
Тој посочи дека со ребалансот не се напушта ниту еден првично проектиран проект.
– Она што се прави е промена на динамиката на трошење на средствата согласно објективните услови и согласно расположливите средства кои ги имаме во Буџетот. Во претходниот период во два наврата беа најавувани избори кои подразбираат посебен режим на спроведување на системот за јавни набавки, што ја забави и динамиката на трошење на овие средства. Од тој аспект беше неопходно да се направи одредено приспособување, рече министерот за финансии.
Тој истакна дека позитивниот тренд на наплата на даноците и придонесите е оптимистички, бидејќи во однос на првите два квартала на 2015 година таа е зголемена и тоа кај даноците за 6,4 проценти, а кај придонесите за 5,7 проценти.
Изрази надеж дека овој позитивен тренд на наплата на даноците ќе продолжи и во наредниот период.
Информира дека со ребалансот се зголемува и буџетскиот дефицит, од проектираниот 3,2 проценти на 3,6 проценти од БДП и ќе изнесува 2,1 милијарда денари.
– Со ребалансот настојуваме да обезбедиме непречено сервисирање на сите функции на македонската економија, посочи Миноски и додаде дека нема застој и оти континуирано се исплаќаат сите обврски на државата.
Одговорајќи на новинарско прашање за издавањето еврообврзница рече дека одредени подготовки се направени и оти во соработка со странски инвестициски советници се работи на истражување на пазарот.
– Денес имаме новонастаната состојба со референдумот за излегување на Велика Британија од ЕУ што, се разбира, ќе има соодветна рефлексија на пазарите на капитал. Внимателно ја следиме состојбата и врз основа на оние информации што ги имаме за трендовите на тие пазари ,ќе донесеме и соодветна одлука во однос на евентуално издавање еврообврзница, којашто ќе придонесе за зголемување на ликвидноста во буџетот, но исто така и за сервисирање на дел од старите обврски кои ги имаме по основ на претходно доспеани кредити и обврзници, рече министерот Миноски.
Усвоениот ребаланс од Владата, вечерва ќе биде доставен до Собранието на Република Македонија.