Прометеј ја направи врската помеѓу небото и земјата така што го украде огнот од боговите и му го даде на човекот. Казнет за оддавањето на древната тајна, тој беше симнат од небото и во маки беше окован на земјата.

Прометеј ја направи врската помеѓу небото и земјата така што го украде огнот од боговите и му го даде на човекот. Казнет за оддавањето на древната тајна, тој беше симнат од небото и во маки беше окован на земјата. Во митовите тоа беше прв трансфер на енергија од небото кон земјата на начин на кој енергијата може да се контролира. Луѓето се приближија до боговите контролирајќи ја енергијата.

 

На патот кон цивилизациски прогрес потоа се открија многу божји енергетски тајни. Може слободно да се каже дека целиот цивилизациски прогрес е енергетски зависен. Прво за енергија се користеше огнот од  дрвата. Потоа движејќи се по нагорната линија на прогресот беше пронајден јагленот. Јагленот донесе пресврт. Ја донесе индустриската револуција, парни машини, возови, донесе нови машини и за човекот дотогаш непознати производни постапки. Потоа на човештвото му се случи нафта: енергенс со голема топлинска моќ кој лесно може да се складира и кој целосно го смени начинот на живот. Нафтата го совлада просторот и донесе автомобили, авиони, големи петрохемиски компании. Но нафтата донесе и загадување, еколошки катастрофи, смог, нагли климатски промени.

 

Како можност за ублажување на овие негативни ефекти е употребата на природен земен  гас. За разлика од нафтата, тој има помала топлинска моќ, но има ниска цена на чинење и од еколошки аспект – најповолни продукти на согорување. За да се користи  гасот потребна е изградба на соодветна инфраструктура која се состои од цевководи, компресорски станици и мерно-регулациони станици. Гасификацијата е процес кој подразбира капитални инвестиции во инфраструктура и опрема.

 

Во Македонија природен земен гас за користење немаше се до пред 15-тина години. Тогашното раководство се зафати со амбициозен проект за гасификација. Беше изграден магистрален гасовод од Деве Баир до Скопје, со крак за Крива Паланка, Кратово и Куманово. За жал, гасоводот стигна само до неколку потрошувачи во Скопје и многу малку во Крива Паланка, Кратово и Куманово. Сегашната потрошувачка на гасот од страна на досега приклучените стопански субјекти е само 10% од капацитетот, со што трошоците за дистрибуција на гасот се прилично високи. За жал, до денес нашата гасификацијата споредена со истите прцеси  во нашето соседство е на многу ниско ниво. Ниту во едно населено место се уште гасот не се користи за широка потрошувачка. Граѓаните се уште не ги почувствувале благодетите на користењето на овој енергенс.

 

Во овој момент позначаен проект во процесот на гасификација е изградбата на гасоводната мрежа до ТИРЗ Бунарџик. Во стручните кругови, тивко одекна веста дека АД ГАМА го изведе првиот топол приклучок – заварување на убод во магистралната цевка во услови на проток на гас низ цевките за време на заварувањето. Тоа е дело на домашни стручњаци и на домашни компании ангажирани во проектот, со што е јасно дека во Македонија постојат кадри кои можат да се носат со најсериозната проблематика во овој домен.

 

Една многу значајна и добра вест поврзана со гасификацијата стигна деновиве од Москва: прифатено е нашето барање рускиот долг кон Македонија да биде исплатен во целиот износ од 60,5 милиони долари, односно за 12 милиони долари повеќе отколку што претходно било договорено. Притоа, долгот ќе биде вратен низ проекти за изградба на гасоводната мрежа во Македонија.

 

Со ова, Владата јасно ја потврди својата определба за реализација на процесот на гасификација. Во оваа прва фаза која главно ќе биде финансирана со рускиот долг, гасификацијата ќе опфати изградба на примарен и секундарен гасоводен прстен околу Скопје и изградба на кракови од магистралниот гасовод до  Неготино, Штип и Тетово. Самиот инвестициски зафат во оваа фаза тежи околу 75 милиони евра. Вкупната инвестиција за гасификација на целата држава пак ќе изнесува неколку стотици милиони евра, при што истата ќе опфати над 150.000 семејства и ќе обезбеди сигурно снабдување на индустријата.

 

Во реализацијата на овие проекти ќе бидат вклучени домашни компании, а се разбира многу значајна улога треба да одигра АД ГАМА. Со изградбата на гасоводот ќе се зголеми потрошувачката на гас, со што ќе се постигне пооптимално искористување на веќе изградениот магистрален гасовод. Тоа сигурно ќе придонесе за драстично намалување на единечните трошоци и за постабилно производство на електрична и топлинска енергија. На тој начин гасот ќе биде и поефтин и подостапен. Од друга страна со реализација на овие проекти ќе се постигне и развој на металопреработувачкиот комплекс; производство на лимови и цевки, развој на монтажерски компании за изградба на гасоводи како и компании за проектирање.

 

Со изградба на градските гасоводни мрежи и изградбата на примарниот и секундарниот прстен околу Скопје, се создаваат услови гасот да влезе и во домовите. Тоа е привилегија која некои големи европски градови ја уживаат повеќе од 100 години. Зголеменото користење на природен гас во индустриските капацитети ќе го намали загадувањето. Носењето на гас кон Тетово, Штип и Неготино ќе ги зајакне индустриските потенцијали на овие региони и ќе придонесе за порамномерен регионален развој на Македонија. Тоа се крупни капитални зафати кои ќе резултираат со еколошки почисто производство и подобрување на квалитетот на живеење на луѓето. Конечно, со гасификацијата ќе се создадат услови и за зголемување на атрактивноста на Македонија како инвестициона дестинација.

 

Многу долго гасифицирањето на државата беше во неоправдан застој. Со превземање на овие инвестициски зафати започнува нова страница во енергетската сфера. Во следните пет години, гасификацијата на Македонија несомнено ќе биде најатрактивниот инвестициски проект.

Comments are closed.