Скопје, 17 февруари 2014 (МИА) – Домашните компании да ја интензивираат соработката со странските вложувачи. Бенефитот ќе биде двостран и повеќекратен, помали трошоци за производство, транспорт и увоз, заштеда на време, размена на технологии, знаења и вештини, поголема конкурентност, освојување нови пазари, реинвестирање…, порача денес премиерот Никола Груевски пред бизнис заедницата.

Еден од основните интереси на државата, истакна Груевски, е фирмите да работат што поуспешно и со поголем профит, а тоа ќе значи повик и други компании да инвестираат во Македонија.

– Следствено нашите политики за интензивно подобрување на бизнис условите, почна да расте бројот на странски директни инвестиции и компании, но степенот на нивната деловна соработка со македонските е незадоволителен и постои простор за унапредување, истакна Груевски на форумот „Бизнис поврзување на странските инвеститори во Република Македонија со домашните компании кои имаат потенцијал да станат нивни добавувачи“.

Според него, има многу причини поради кои е потребно да се воспостават поблиски релации и деловни партнерства меѓу странските и домашните компании. Првиот чекор е воспоставување комуникација, да се слушнат потребите и барањата на странските компании, како и да се презентираат можностите и понудите на домашните.

– Македонија ќе биде домаќин и поддржувач на ваквиот процес. Остануваме доследни на заложбите за отвореност кон бизнис заедницата. Нашата мисија останува иста – водењето бизнис во Македонија да биде лесен, брзорастечки и профитабилен процес. Во такви околности напредок и развој ќе има секоја компанија што работи и опстојува тука, потенцира Груевски и додаде дека да се работи во земјава, денес значи голема придобивка што треба да се искористи до максимум.

Осврнувајќи се на придобивките од поголемата соработка, премиерот напомена дека користењето услуги и репроматеријали од македонски компании во споредба со увезените значи директно намалување на трошоците за производство и зголемување на додадената вредност. – На овој начин директно се намалуваат трошоците за транспорт од пооддалечените земји и се одбегнуваат трошоците за царина, рече Груевски, нагласувајќи дека македонскиот квалитет воопшто не заостанува, но цената е пониска.

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески апелира во комуникацијата меѓу домашните и странските компании активно да се вклучат и банките и финансиските институции со цел обезбедување поволни кредити.

– Клучно е прашањето како македонските компании подобро да се интегрираат во синџирот странски фирми, како макроекономските ефекти да се преточат на микро ниво, преку зголемување на додадената вредност од присуството на странските вложувања, рече Ставрески, додавајќи дека порастот на БДП од над три проценти во претходните години, вклучувајќи ја и 2013 година, покажува дека ефектот од работењето на странските компании во зоните и надвор од нив е видлив.

Странските и домашните компании, укажа, треба да бидат компатибилни, а не да си конкурираат. – Треба да ја разбиеме бариерата, странски во однос на домашни инвестиции, зашто тие треба да се компатибилни, а не да си конкурираат. Странските компании може да помогнат домашните да реализираат повисок технолошки потенцијал, да го зголемат нивото на технолошки развој и преку т.н. преносни ефекти да се подигне општото ниво на истиот во РМ, капацитетот на работната сила, знаењето на вработените, почнувајќи од почетниот процес па сè преку маркетингот и продажбата, рече Ставрески.

Посочувајќи успешни примери од досегашната соработка, вицепремиерот рече дека лани 50 милиони евра се реализирани од услугите на македонските компании кон странските што е, рече, сериозна и охрабрувачка бројка. Белгиската компанија „Ван Хул“ за изработка на своите автобуси користи делови и материјали произведени во Македонија.

Предвидувањата се, истакна, дека до 2015 година бројот на вработени во странските фирми кои работат во слободните зони, од сегашните 6.500 ќе се удвои и ќе достигне околу 13.000.

– Ефектот врз извозот, кој минатата година растеше со стапка од 6,6 проценти, и намалувањето на трговскиот дефицит во голем дел е резултат на работењето на глобалните компании. Тие имаат свој придонес во делот нa вработеноста, односно отворањето нови работни места, посочи Ставрески.

Вицепремиерот Владимир Пешевски повика соработката на домашните и странските компании наместо спореден да стане еден од клучните сегменти. Домашните фирми да ги воведат технологиите, менаџирањето, истражувањето и развојот на бараното ниво. Тоа веројатно ќе се случува во наредните 20 години, но патот мора да се изоди, да се направи првиот чекор.

– Почнете, искористете ја можноста за соработка, агресивно настапувајте кон компаниите што се наоѓаат во зоните, што се дојдени и привлечени како нови странски инвестиции. Вкупно 95 отсто од нивната работа е насочена кон извоз. Доколку успеете да станете нивни добавувачи и да ги исполните тие стандарди, тоа е исто како 80-90 проценти да сте стигнале на патот да станете глобална компанија. Ако сте добавувачи на овие глобални компании, добивате референца за извоз на други пазари. Спасот на македонската индустрија е во извозот. Ова е чекор во вистинската насока, нагласи Пешевски.

Министерот за економија Ваљон Сарачини истакна дека економскиот раст не значи ништо ако обичниот човек не ги почувствува придобивките, а токму тоа е целта на Владата.

На бизнис средбата присуствуваа претставници од странските компании во Македонија и од компаниите членки на трите стопански комори.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.