Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески зборува за договорот за клириншкиот долг меѓу Руската Федерација и Република Македонија кој треба дасе потпише до април и соработката со рускиот гигант ГАСПРОМ, нивото на руско-македонските трговски односи и најпривлечните сектори за инвестирање во Македонија за руските фирми

 

Како го оценувате сегашното ниво на руско-македонските трговски односи?

 

-Подеднакво на политичките, од значаен интерес за Република Македонија е воспоставување на динамични и структурно развиени економски односи со Руската Федерација. Истовремено во последните неколку години евидентен е интересот од руска страна за одржување на интензивна економска соработка, при што на Македонија се гледа како на перспективен економски партнер на Балканот. Тоа во голема мера се темели на геостратешка положба на Македонија во регионот на Југоисточна Европа, темпото на имплементирање на економските реформи и стопанската инфраструктура, како и солидната договорна состојба во економската сфера со земјите членки на Европската Унија. Покрај тоа што статистичките показатели говорот дека македонско-руската трговската соработка бележи нагорен тренд (пораст од 45%), сепак би можело да се констатира дека економската соработка ниту оддалеку не соодветствува на потенцијалните можности на економиите во двете земји. Поради тоа сметам дека и двете страни веќе се подготвени за воспоставување нови повисоки форми на соработка, покрај веќе постоечката во делот на трговијата со енергенси.

 

Кога треба да очекуваме најефикасно корисетње на Меѓувладината Руско-македонска комисија за трговска-економска и научно-техничка соработка?

 

-Комисијата е веќе докажан механизам кој што директно даде позитивен тек во зацврстувањето на политичките, економските и културните односи меѓу Македонија и Русија. Оттука, логично е да се очекува дека продолжувањето со работа на Комисијата позитивно ќе се одрази на понатамошното одржување на континуираниот политички дијалог, кој и понатаму очекуваме да се одликува со висок степен на разбирање и меѓусебно почитување за сопствените надворешнополитички интереси. Во таа насока, согласно последниот изнесен руски предлог очекуваме редовната седница на Меѓувладината руско-македонска комисија да се одржи во април, 2010 година. Оттука, констатирам дека периодот февруари – април ќе биде исклучително важен, бидејќи резултатите постигнати во рамките на Комисијата треба содржински да ја исполнат идната агенда на контакти на највисокото државно раководство на Република Македонија и Руската Федерација.

 

Дали македонската Влада планира да продолжи со соработката со „Гаспром“ и кога компанијата ќе го изгради гасоводниот систем во Македонија во врска со враќањето на рускиот долг?

 

-Владата на Република Македонија има отворена политика за соработка со сите партнери кои имаат интерес да учествуваат во стратегијата за зајакнување на енергетскиот сектор во Македонија. Оттука, поаѓајќи од утврдениот проект на Владата за гасификација на Македонија, мислам дека е јасен интересот за соработка со ГАСПРОМ, како една од водечките компании во овој сектор. Договорот за клириншкиот долг треба да биде потпишан до април. Во тој контекст, уште еднаш ја реафирмирам подготвеноста за затворање на клириншкиот долг со Руската Федерација, преку проектот за гасификација и за тоа очекуваме максимална поддршка од „ГАСПРОМ“. Во разговорите со руската страна, ми беше потврден и нивниот интерес за затворање на ова прашање согласно нашиот предлог, што соодветно е одразено и во билатералната Спогодба која многу скоро ќе биде потпишана, веднаш по завршувањето на внатрешно-правните процедури во двете земји.

 

Зошто, според Вас, трговско-економската соработка меѓу Русија и Македонија се наоѓа на толку ниско ниво? Што Вие планирате да направите за подобрување на таа соработка?

 

-Покрај генерално определениот интерес за интензивна економска соработка, евидентна е потребата од поголема владина поддршка од двете страни во делот на организирање на информативни претставувања и бизнис форуми, заради првично информирање и воспоставување на контакт меѓу стопанствениците од двете држави. Очекувам дека во наредниот период успешно ќе ги оствариме планираните активности за поагресивно информирање на бизнис заедницата за можностите кои ги нудат македонскиот и рускиот пазар. Во таа насока, покрај фокусираноста на московскиот пазар, ни престојат поголем број регионални преставувања низ територијата на Руската Федерација, каде на стопанствениците од двете држави ќе им се озвозможи меѓусебно да контактираат. Истовремено, Македонија ќе продолжи со активна промоција на туристичкиот потенцијал. Со цел надминување на учеството на посредници во досегашната македонско-руска трговска соработка и заради користење на повластен царински режим, се јавува потребата од дооформување на правна рамка која би овозможила либерализиран трговски режим меѓу двете земји. Ова е во согласност со Меморандумот за либерализација на трговијата и со овој Протокол се очекува Руската Федерација еднострано да обезбеди услови за повластен преференцијален третман на увозот на определени македонски производи (текстил, вино, вино-материјал, конзервна индустрија и раноградинарски производи). На овој начин очекуваме дека ќе се зголеми обемот на трговската соработка, но и ќе се намали постоечкиот дефицит на македонската страна кој е континуирано присутен.

 

Според многу аналитичари, едностраната насоченост во областа на економијата и трговијата само кон ЕУ и САД може да има лоши последици за Македонија? Зошто сега РМ не бара алтернативи на европската и американската економија, кога има и други можности, како на пример Русија, Кина, Индија и други насоки?

 

-Утврдените надворешно-политички приоритети на Македонија позитивно се одразуваат на односите со сите држави во светот. Досегашите односи и соработка со Руската Федерација, Индија и Кина говорат за тоа дека Р. Македонија оддржува со нив поддеднакво развиени политички, економски и културни односи, следени со активности во сите сфери. За позитивниот тренд во односите придонесуваат и големиот број идентични надворешно – политички приоритети со овие земји, во делот на заемното учество во процесот за мир и стабилност во светот, како дел од меѓународните глобални интегративни текови. Во тој контекст, сметам дека политичката фокусираност на Македонија во остварувањето на стратешките надворешно-политички приоритети, не дава слика за некаква едностраност, туку напротив за создавање на услови за раст и развој на сестраната соработка со сите заинтересирани страни за тоа, а за што конкретен позитивен пример е токму соработката со Руската Федерација.

 

Со што денеска е привлечна Македонија за руските инвеститори? Што Вие би можеле да им препорачате на можните руски инвеститори во Македонија?

 

-Владата на Република Македонија постојано работи на подобрување на бизнис климата и условите за инвестирање. Македонија во 2009 година е рангирана меѓу ТОП 3 светски реформатори според Doing Business извештајот на Светска банка, што претставува потврда за квалитетот на економските политики. Исто така спроведовме активности за промоција на Македонија како инвестициона дестинација, промовирајќи повеќе сектори пред странските инвеститори. Во таа насока сметам дека енергетиката, градежништвото, прехрамбената индустрија и туризмот се неколку од секторите кои сметам дека би биле особено интересни за руските инвеститори.

 

Владата на Република Македонија постојано става акцент на неопходност од привлекување странски инвестиции во земјата. Истовремено компании како „ЛУКОИЛ“ и „ТЕ-ТО“ АД Скопје се соочуваат со различни бирократски проблеми. Вашиот коментар во врска со ова прашање?

 

Владата на Република Македонија, презема низа конкретни мерки за олеснување на работењето на странските инвеститори. Во тој контекст, ќе ги истакнам и директните лични заложби и на министрите во Владата за успешна реализација на проектите кои ги наведувате. Следствено, Владата и понатаму ќе продолжи со создавањето на уште подобри услови, но и уште поотворен механизам за помош и поддршка на странските директни инвестиции. Во таа насока, ги поканувам сите руски потенцијални инвеститори да се одлучат да инвестираат во Македонија, која во вистинска смисла на зборот не само што нуди најповолни услови за инвестирање во регионот, туку дава и најсоодветна помош и поддршка настранските инвеститори. Изразувам надеж дека постоечкото позитивно искуство кое го имаат руските инвеститори во Македонија во соработката со Владата на Република Македонија, ќе придонесе обемот на руските инвестиции во 2010-2011 двојно да се зголеми.

 

Comments are closed.