Скопје, 5 јуни 2015 (МИА) – Државниот завод за статистика денес одбележува 70 години од основањето. Статистичката институција е основана на 1 јуни 1945 година со седиште во Скопје под името Македонски федерален статистички уред. Седумдесетте години од основањето ги одбележа со свеченост во присуство на претставници од Владата и институциите од државава и од странство со кои соработува. Објави публикација со преглед за македонската статистика низ годините, статистичката инфраструктура, хармонизирањето на статистичкиот систем според стандардите на ЕУ, проектите и меѓународната соработка низ годините…
Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески истакна дека Владата и сите ресорни министерства се едни од најцелните групи корисници и обезбедувачи на статистички податоци за реализација на стратешките цели и приоритети од кои најважни се интеграција на Македонија во ЕУ и НАТО и зголемување на економскиот раст и вработеноста како предуслови за пораст на животниот стандард на граѓаните и подобар и поквалитетен живот. Во тој контекст, посочи, веродостојните и споредливите статистички податоци претставуваат неопходен предуслов за Република Македонија како на домашен план, така и во делот на процесот на стабилизација и асоцијација во преговорите за членство во ЕУ и за целосно интегрирање во ЕУ.
Ставрески потенцира дека Владата, согледувајќи го виталното значење на статистиката во процесот на евроинтеграции, му дава голема поддршка на Државниот завод за статистика како координатор на статистичкиот систем во државата, со постојано зголемување на човечките и финансиските ресурси.
– Поддршката ќе обезбеди натамошен одржлив развој на официјалната статистика во РМ и реализација на основната стратегиска цел на македонскиот статистички систем – висок степен на усогласеност со статистичките стандарди со ЕУ, наведе вицепремиерот Ставрески.
Нагласи дека расположливоста со точни, веродостојни и навремени статистики е од суштествено значење за добивање јасна слика за економијата, за социодемографските трендови на земјата и за неопходните меѓународни споредби.
– Способноста за производство на такви податоци е од огромно значење во време на постојани и брзи економски промени како што се случуваат во нашата и во сите земји на ова ниво на развој, кога идниот раст и напредок на сите сфери на општеството зависат од комбинација на суштински и навремени одлуки. Во таа насока, Владата на РМ го охрабрува Државниот завод за статистика да продолжи со своите активности за примена на нови техники и технологии за прибирање и обработка на податоците, а со крајна цел да одговори на современите барања на корисниците на податоците, рече Ставрески.
Директорката на Државниот завод за статистика Лидија Костовска истакна дека, како носител на статистичкиот систем во државата, оваа институција е обврзана и одговорна да произведува точни и навремени статистички податоци.
– Свесни сме дека довербата во официјалната статистика треба и мора да се задржи со високопрофесионален и непристрасен пристап, заснован на научни принципи во работењето. Токму затоа вредностите и целите утврдени во стратегискиот план 2015-2017 година се неразделно поврзани со принципите на официјалната статистика на ОН и кодексот за работа на европската статистика, наведе Костовска посочувајќи оти тоа значи постојано зајакнување на сопствените и на капацитетите на останатите субјекти во статистичкиот систем во државата.
Тоа, потенцира, значи постојано следење и хармонизирање на националната законска и подзаконска регулатива со таа на ЕУ, како и постојано унапредување на билатералната и мултилатералната соработка со другите статистички институции и организации, научни установи,…
– Денешниот статус на Државниот завод за статистика е резултат на вложувањето и напорите на многумина. Сите овие 70 години, бројни статистичари се соочувале со предизвици, решавале проблеми и низ работата ја унапредувале статистичката методологија, го проширувале опфатот на евидентирање, следење и прикажување на демографските, социјалните и економските состојби во општеството. Ова истовремено значи и 70 години фокусирање кон целта податоците што се користат да бидат точни, а примената на методологија сигурна, за да се обезбедат најдобри можни информации за сите корисници, рече Костовска.