5 јуни 2019 година, Молдавија – “Одржливите финансии играат важна улога за подобрување на економската ефикасност, просперитет и конкурентноста на една земја. Координацијата помеѓу Народната банка и Министерството за финансии е клучна за одржување на макроекономската и финансиската стабилност, што е предуслов за инклузивен и одржлив раст. Ова го истакна заменик министерот за финансии, Ширет Елези, обраќајќи се на тркалезната маса во рамки на годишниот состанок на Управниот одбор на ЦЕФ во Молдавија на тема “Ефективна координација на централните банки и министерствата за финансии“.


– Министерството за финансии во соработка со Народната банка во континуитет заеднички работат на закони од областа на банките, пазарот на капитал, платниот промет, девизното работење. Се подготвуваат нови законски решенија за подобрување на условите за тргување во финансиски инстументи. Воедно  подготвен е и нов закон за платежни услуги и платни системи. Со донесувањето на новиот закон се очекува засилена конкуренција во платниот промет преку дозволен влез на пазарот на не-банкарските институции преку понуда на нови  форми на плаќања базирани на ИТ технологија, истакна таа. 
Добрата координација на економските политики е дел од пристапниот процес кон ЕУ и е опфатена во поглавјето 17, со чија работна група раководи Министерството за финансии.

– Во рамки на овој процес два пати годишно претставниците на Министерството за финансии и Народната банка разговараат за макроекономските проекции со Европската комисија. Проекциите потоа се објавуваат во публикации за пролетните и есенските проекции на Европската комисија, каде има дел и за земјите кандидати. Како резултат на тесна соработка и координација на Министерството за финансии и Народната банка, во декември 2018 година се донесоа и стратегиите за денаризација и за справување со нефункционални пласмани, потенцира Елези.

Говорејќи за соработката која министерството ја има со Народната банка, Елези го нагласи и значењето на Меморандумот за разбирање и соработка во областа на финансиската стабилност и управувањето со финансиски кризи. Согласно Меморандумот формиран е и Комитет за финансиска стабилност кој ги следи состојбите во финансискиот систем, ги идентификува и оценува опасностите и ризиците за финансиската стабилност и ги координира и  договара заедничките активности на НБРМ и МФ.

На годишниот состанок кој се одржува во Молдавија, Управниот одбор на Центарот за извонредност во финансиите треба да го потврди годишниот извештај за 2018 година и да ги разгледа темите поврзани со управувањето и со програмата. На средбата учествуваат високи претставници од министерствата за финансии и централните банки од земји членки на ЦЕФ.

 

Comments are closed.