17 ноември 2017, Скопје – Во насока на понатамошно усогласување со законодавството на ЕУ во областа на осигурувањето и зголемувањето на пазарните операции, Министерството за финансии во соработка со Агенцијата за супервизија на осигурување и Меѓународната ибероамериканска фондација во изминатиот 21 месец работеше на твининг проект за што денеска имаше завршен настан.
Основната цел на проектот беше транспонирање на Директивата за основање и водење на деловни активности за осигурување и реосигурување – Солвентност 2 во нов Закон за осигурување.
– Директивата за Солвентност 2 поставува нови построги барања за адекватноста на капиталот, за процесот на управување со ризиците на друштвата за осигурување, за супервизијата базирана на ризик, како и за начинот за известување, сѐ со цел заштита на осигурениците односно корисниците на осигурување и заштита од нарушувањата на пазарот за осигурување, истакна министерот за финансии, д-р Драган Тевдовски на завршниот настан.
Министерот го изрази своето задоволство од успешното завршување на проектот, во кој Министерството за финансии и Агенцијата за супервизија на осигурување се носители, а Шпанскиот надзорен орган за осигурување и пензиски фондови, партнер од земја членка на ЕУ.
– Користејќи ги искуството и стручноста на Шпанскиот надзорен орган за осигурување и пензиски фондови во областа на регулирањето и супервизијата на осигурувањето, како и големото искуство во имплементација на релевантни проекти во регионот и пошироко, можам да кажам дека завршивме еден успешен проект – рече министерот Тевдовски.