27 јуни 2019 година, Скопје – Законот за враќање дел од данокот на додадена вредност на граѓаните влезе во собраниска процедура. Со овој предлог-закон, кој се очекува да се применува од 1 јули, започнува реализацијата на проектот „Мој ДДВ“, еден од најважните проекти од изборната програма и од Програмата за работа на Владата.
– Предлог-законот има за цел дел од платеното ДДВ на граѓаните да се врати кај нив односно да се вратат пари кај граѓаните, но воедно и да се подобри наплатата на даночните приходи преку намалување на даночната евазија којашто произлегува од неиздавање фискални сметки, вели заменик-министерката Ширет Елези, образложувајќи го Законот пред пратениците во Собрание.
Враќањето на средствата на трансакциските сметки на физичките лица ќе се врши по завршување на тримесечјето.
Претходно на прес-конференција претседателот на Владата Зоран Заев истакна дека благодарение едно четиричлено семејство ќе може да си врати во семејниот буџет до 28.800 денари годишно.
– Нешто повеќе од една просечна плата во нашата земја, односно плата плус за секое семејство, нагласи премиерот Заев.
Право на враќање на данокот ќе има секое физичко лице кое има над 15 години и важечка лична карта или патна исправа, а воедно и своја активна трансакциска сметка и е регистрирано на Е-ППД системот на Управата за јавни приходи.
– Физичките лица ќе имаат право на враќање на 15% од пресметаниот данок на додадена вредност во фискалните сметки. Притоа, највисока основица од која ќе се враќаат 15% е пресметан данок од 12.000 денари и се однесува на едно тримесечје, информира заменик-министерката.
Инаку правото на враќање на данокот се однесува на ДДВ искажан во фискалните сметки за купени добра или користени услуги. Истиот нема да може да се оствари за сметките што се сторнирани, фискалните сметки за кои е издадена сметкопотврда, како и за фискалните сметки чиј вкупен промет за купените добра и услуги надминува 30.000 денари.
Правото на враќање на данокот ќе се остварува со пријавување на податоците од бар-кодот на фискалната сметка преку апликативен софтвер на Управата за јавни приходи. Фискалната сметка може да се пријави преку апликацијата во рок од 10 дена од датумот на нејзиното издавање, а една сметка може да биде пријавена во Управата само еднаш.
Дополнително, со предложениот закон се пропишува обврска за издавачот на фискални сметки за пријавување на фискалните сметки што ги сторнира во органот за јавни приходи со примена на мобилна или десктоп апликација.