8 јули 2020, Скопје – Република Северна Македонија има најповолна бизнис-клима во регионот, а исто така има и помалку фискални ризици во однос на другите земји. Ова се главните поенти за нашата земја во извештајот на ОЕЦД за земјите од Западен Балкан („Government at a glance: Western Balkans 2020“). Во извештајот се нотира дека земјава е регионален лидер во обезбедување поволна бизнис-клима и има подобри резултати во однос на просекот на земјите на ОЕЦД и од просекот на земјите на ОЕЦД коишто се членки на ЕУ.
Исто така, се наведува дека земјите од Западен Балкан многу поретко се вклучуваат во дијалог со приватниот сектор, со исклучок на Република Северна Македонија којашто одржува дијалози на редовна основа.
Министерката за финансии, Нина Ангеловска, денеска учествуваше на онлајн промоцијата на извештајот, кој по првпат се изработува за регионот за Западен Балкан од страна на ОЕЦД и содржи над 40 индикатори коишто се однесуваат на јавна администрација, јавни финансии, буџетски практики и процедури, јавни набавки, дигитална влада итн. Ангеловска посочи дека земјата ја дочека кризата со здрав финансиски систем и стабилизиран државен долг, понизок за околу 10 процентни поени во однос на просекот на земјите од регионот, како и дека и покрај кризата, се работи на реформите согласно Стратегијата за реформи во јавните финансии. Таа посочи и дека мерките за справувањето со кризата предизвикана од КОВИД-19 се дизајнирале многу внимателно, таргетирано и со јасни цели и очекувани ефекти за да го дадат максималниот ефект со ограничените ресурси, водејќи сметка за фискалниот простор.
– Дизјаниравме 3 обемни пакети на антикризни мерки коишто вклучуваат даночни олеснувања, субвенции на плати, ваучери и платежни картички коишто ја поддржуваат приватната потрошувачка, финансиска поддршка за инвестициите и конкурентноста итн. Овие мерки играа значајна улога во справувањето со кризата, а повторно успеавме да задржиме фискален простор доколку се јави потреба за дополнителни интервенции – рече Ангеловска.
Таа истакна дека, во меѓувреме, Министерството за финансии има значаен прогрес во зајакнување на транспарентноста преку новите алатки што беа објавени во изминатиот период, како и во подготовката на новиот Закон за буџети и техничката спецификација на интегрираниот систем за управување со јавни финансии којшто ќе воведе целосно реформирање и модернизирање на процесите во управувањето со јавните финансии.
На презентацијата учествуваа и министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, министри за финансии од другите земји опфатени со извештајот, претставници од Директоратот за проширување на Европската Унија, како и други високи претставници.