9 јануари 2019 година, Скопје – Ова е доказ дека можат да се понудат подобри услуги за граѓаните преку соработка на институциите и граѓанските организации. Ова е пионерски чекор во областа на даноците, и многу поразлично од праксата во минатото кога мислењето на граѓанскиот сектор беше занемарувано. Ние цврсто веруваме дека оваа соработка треба да продолжи и во иднина, истакна Министерот за финансии, Драган Тевдовски на денешната прес-конференција. На настанот беше презентиран „Водичот за подобро информирање на физички лица за данокот на додадена вредност“, документ кој заедно го изработија Министерството за финансии, Управата за јавни приходи и Цивитакс група во која членуваат 14 граѓански организации.
Професорот Марјан Петрески претставник на Цивитакс истакна дека за прв пат се објавува Водич кој е подготвен низ консултативен и дебатен процес со заемно слушање на аргументите на страните. Тој на прес-конференцијата ги презентираше деталите од Водичот.
Од соработката на институциите произлегоа две клучни подобрувања:
I Водич за физичките лица, ДДВ обврзници
Целта на Водичот е на едноставен начин да ги информира граѓаните за три работи: 1. Дали спаѓаат во оваа група? 2. Како можат да се регистрираат за ДДВ обврзници? 3. Кои поволности ги нуди системот?
Мнозинството на граѓани не се и не треба да бидат обврзници за ДДВ. Бидејќи платите, надоместоците на плати, бонусите и слично, не се предмет на оданочување со ДДВ.
Немаат обврска да влезат во системот на ДДВ ниту оние кои дополнително од платата прават промет помал од 1 милион денари на годишно ниво, односно 83.333 денари просечно на месечно ниво.
Оние кои вршат промет повисок од ова треба да видат дали сите промети им влегуваат во прагот, бидејќи постојат ослободувања и олеснувања.
На пример: изнајмување на недвижен имот за станбени цели не е предмет на оданочување со ДДВ, а исто така, не подлежат на оданочување со ДДВ и давање услуги (пример: ИТ, консултантски и слично) кон странство, како и средства од грантови.
Водичот може да се најде на веб-страницата на УЈП и во него можат да се најдат сите објаснувања.
II Предлог за законски измени во насока на допрецизирање и подобрување на постоечкиот „Закон за ДДВ“:
Од соработката со граѓанските организации произлезе предлогот Министерството за финансии да подготви две измени во законот за ДДВ.
Со првата подобро ќе се прецизира ослободувањето на образовната дејност во законот, и истата природно ќе се надополни и со научната дејност.
Второто се однесува на периодот за кој може да се изврши дерегистрација. Во моментов ДДВ обврзниците имаат обврска да останат во системот 5 години по регистрацијата. На барање на граѓанските организации, ќе дадеме можност на доброволна основа лицето да може да се одјави по 2 години, доколку во нив има промет помал од 1 милион денари и не остварил поврат на ДДВ.
Моментално лицата кои стануваат ДДВ обврзници се дел од овој систем во следните 5 години по регистрацијата. Граѓанскиот сектор побара тие да имаат можност по две години да поднесат барање за исклучување од системот, доколку повеќе не ги исполнуваат условите.
Овие барања се прифатливи за Министерството за финансии и УЈП. Истите во најбрз можен рок ќе бидат подготвени во форма на предлог измени на законот и поставени на јавна консултација.