Ставрески за одразот на глобалната финансиска криза во Македонија:  Владата подготвена да реагира доколку има потреба

 

Глас на Америка на македонски: Во Вашингтон сте во време на големи турбуленции на глобалните пазари. Како ќе се одрази актуелната финансиска криза во светот врз Македонија?

Ставрески: Несомнено, ова се историски времиња за финансискиот свет, од аспект на големината на предизвикот пред кој се наоѓа и од аспект на потребата од координација, за да се најдат решенија за вака сериозна финансиска криза. Секако, и Македонија будно следи што се случува и внимава на тоа на кој начин се развива финасиската криза и колку може да се преземат одредени дејствија – во сегментите каде Македонија може да биде загрозена во оваа ситуација. Значајно е што македонскиот банкарски систем е доста стабилен и многу не се потпира на позајмици од странство, туку повеќе го има сопствениот потенцијал креиран врз база на депозити на граѓаните и претпријатијата, така што тоа помага помалку да се чувствува кризата кај нашите банки. Истовремено, очекуваме дека врз основа на мерките што ги презедовме за подобрување на бизнис-климата, македонските претпријатија ќе можат да бидат поотпорни на одредени случувања во светот, во делот на цените на базичните производи. Секако, останува да се види колку долго ќе трае оваа криза и дали, евентуално, ќе дојде до рецесија во Европа, што, во основа, би значело поголем ризик за предвидените стапки на економски раст. Сметаме дека и да дојде до извесни последици врз македонската економија, тие нема да бидат сериозни, односно дека и натака ќе се одржат високи стапки на економски раст.

Глас на Америка на македонски: Во екот на финансиската криза, каква гаранции дава македонската влада за штедните влогови на обичниот граѓанин? Има ли простор за стравувања?

Ставрески: Во Македонија имаме доста висок праг на заштита на депозитите на граѓаните, споредено со некои други земји. Во оваа прва фаза нема да има реакции и би било логично – врз основа на нашите анализи – македонските банки да можат сами да поминат низ овие времиња. Се разбира, владата и монетарните власти се подготвени да реагираат доколку има потреба. Засега, индикаторите се дека нема никаква потреба, дека стабилноста и сигурноста на македонскиот банкарски систем е на високо ниво и во основа банките имаат доволно сопствен потенцијал да ги покријат сите штедни влогови.

Глас на Америка на македонски: Во Вашингтон се одржа Генералното собрание на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка, чиј претседавач сте годинава. Каква е пораката за Македонија?

Ставрески: Македонија имаше голема привилегија и чест, како една мала земја да добие можност да претседава со највисокото собрание на ММФ и Светската банка; можност меѓу стотици инвеститори, банкари, финансиери и политички влијателни луѓе да се подигне профилот на Македонија, да се види дека во Македонија се случуваат позитивни работи, да се зборува за Македонија како реформатор – еден од најдобрите во светот. Сето тоа се придобивки што ни беа овозможени со претседателствувањето на Македонија со Годишното собрание. Ја искористивме таа можност да ја афирмираме сопствената земја, да лобираме за Македонија и да побараме посилна финансиска поддршка од двете институции во иднина за реализиција на капитални проекти, претежно во делот на инфраструктурата.

Глас на Америка на македонски: Македонија и Светската банка соработуваат во разни области. Дали сте задоволен од досегашната соработка? Каде се остварени целите, а каде може да се направи повеќе?

Ставрески: Мислам дека Македонија и Светската банка се пример за добра соработка, соработка во која односот е однос на партнери, а не на тутори, каде се почитуваат барањата и програмата на македонската влада и проектите се прилагодуваат. Мошне сме задоволни од соработката со Светската банка, и од аспект на финансиските средства што ги добиваме, и од аспект на прилагодувањето на помошта кон нашите потреби. И во иднина, сметаме на уште позасилена поддршка. Во оваа прилика, посебно разговаравме за зголемување на износот на средства за реализација на проекти од инфраструктурен карактер, како што се далекуводот меѓу Македонија и Србија – за што веќе добивме уверување од Светската банка дека ќе го поддржат. Разговараме и за изградба на ветерници на најмалку четири локации, како и за помош за купување на транспортни вагони за Македонски Железници. Тоа се проектите кои досега речиси ги договоривме. Останува да разговараме во идниот период за уште некои проекти од инфраструктурен карактер, претежно во делот на енергетиката.

Глас на Америка на македонски: Една од главните цели на Светската банка е борба против сиромаштијата. Во Македонија таа се` уште е многу висока. Кои се остварливите решенија за нејзино намалување?

Ставрески: Во основа има долгорочно решение на тој проблем – едно и единствено: да се остваруваат високи стапки на економски раст од најмалку 5-6 проценти во континуитет, во текот на 5-6 години. Веќе почнавме со таков економски раст. Македонската економија почна да закрепнува од 2007-ма, кога е остварен раст над 5 проценти. Оваа година веќе е над 6 проценти, така што сме на добар пат да го постигнеме тоа. Останува да се одржи тој раст во текот на повеќе години, за да се почувствува позабележително врз намалување на невработеноста, што, секако, е клучниот социјален и економски проблем во земјата. На краток рок, има други политики и мерки што може да се спроведат. Токму една таква набргу ќе почнеме да ја реализираме, заедно со Светската банка. Тоа е проект за социјални трансфери, социјална помош за најзагрозените категории на граѓани. Помошта ќе биде поврзана со тоа децата редовно да одат на училиште и да им бидат вршени здравствени прегледи. На тој начин, ефектите се двојни – семејствата, односно мајките во семејствата ќе добиваат парична помош за децата, а од друга страна ќе се создаде повеќе навика и култура децата редовно да одат на училиште и да се поздрави врз основа на редовни здравствени прегледи. Здравјето и образованието се основни услови за тоа секое дете во иднина да биде поуспешно.

Глас на Америка на македонски: Дали се гледате како претседателски кандидат на следните избори во Македонија?

Ставрески: Јас се гледам како вицепремиер за економски прашања, со предизвик македонската економија да расте и натака и да помогнам да се се подобри стандардот на граѓаните.

Comments are closed.