Во интервјуто за руската новинска агенција ИТАР ТАС вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески заборува за билатералните односи на Република Македонија со Русија, економската соработка, можноста за инвестирање во Македонија и проектите „Јужен тек“ и гасификацијата на РМ, како и за нивното значење за енергетската иднина на земјата.

&nbsp

Скопје, 2 август 2012

 

Како го оценувате денешното ниво на билатерална соработка меѓу Македонија и Руската Федерација? Во каква насока би требало да се развиваат односите меѓу двете земји?

 

Македонија и Русија имаат долга традиција на пријателство, разбирање и културна блискост. И ова не е политичка флоскула. Постои заемен интерес и заложба од двете земји за интензивирање на соработката на политички, економски и културен план. Како резултат на заемното залагање има нагорен тренд во соработката во сите сфери.

 

Политичките односи меѓу двете земји се на високо ниво. Минатиот месец премиерот на Република Македонија Никола Груевски и претседателот на Руската Федерација Владимир Путин остварија средба во Санкт-Петербург, на која беа потврдени позитивните односи меѓу двете земји кои ги карактеризира висок степен на пријателство и партнерство. Пред две години, за време на истиот форум беше остварена средба и меѓу претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов и тогашниот претседател, а сегашен премиер на Руската Федерација Дмитри Медведев. Минатиот месец во Москва беше потпишана спогодба за признавање на документите за образование и научни звања меѓу Македонија и Руската Федерација, со што граѓаните од двете земји со дипломите стекнати дома ќе можат да работат или да го продолжат своето образование во другата земја.

 

И на економски план одиме напред во соработката. Но тука ќе кажам – може и подобро. Особено во областа на трговската размена. Големиот руски пазар е предизвик. Македонија може да понуди многу повеќе на вашиот пазар, особено земјоделски производи, вино и храна, но и фармацевтски и други производи. Затоа преку учество на саеми и организиран настап на македонските фирми, правиме напор да се остварат потребните контакти за промоција и дистрибуција на македонските производи на рускиот пазар.

 

Од особено значење за трговско-економската и научно-техничката соработка меѓу Република Македонија и Руската Федерација е Меѓувладината македонско-руска комисија. Шестата комисија се оддржа на почетокот на јули во Нижниј Новгород, при што од страна на Русија ни беше врачена нацрт-спогодбата за влез во „Јужен тек“ и беше потпишан Меморандум за соработка за изградба на гасоводната мрежа во Република Македонија. Исто така за битна институција за подобрување на трговската и економска соработка ја сметам Македонско-руската стопанска комора, која координира организиран настап на македонските компании на рускиот пазар.

 

Што прави македонската Влада за привлекување на странските инвеститори во таа смисла и на инвеститорите од Русија?

 

Русија е важен инвестициски партнер на Македонија. Влезот на руската „Протек груп“ со изградба на фабриката за производство на хомеопатски лекови во слободната зона Бунарџик, верувам дека ќе биде позитивно искуство за руските инвеститори и повод за нови инвестиции. Така беше и досега. Во Македонија има повеќе успешни руски инвестиции како „Лукоил“, гасната електрана „ТЕ-ТО“ и рудниците Бучим и Саса, во кој е вложен руски капитал.

 

Стратегијата на македонската Влада во однос на привлекување на странски инвестиции е едноставна – прво ги овозможивме најповолните услови за инвестирање во Европа и второ со истите ги запознаваме потенцијалните инвеститори. Со рамен данок од 10 отсто, Македонија има најниски даноци во Европа. Притоа, ако фирмата ја реинвестира или задржи добивката, стапката на данок е нула. Дополнително на ова, посебни поволности за странските инвеститори нудат слободните економски зони. Тие вклучуваат десетгодишно ослободување од плаќање даноци и царина, симболична цена за закуп на земјиште, директна државна помош и многу други привилегии со кои се истакнуваме како најконкурентна инвестициска дестинација во регионот.

 

Македонија е една од ретките земји во Европа, кои и покрај турбуленциите предизвикани од европската должничка криза, успеа да задржи непроменет и стабилен кредитен рејтинг. Тоа е резултат на ниската задолженост на земјата од само 29 отсто и нискиот буџетски дефицит од 2,5 отсто од БДП, како и стабилниот финансиски систем. Воедно, релевантни меѓународни институции последниве неколку години континуирано ја оценуваат Македонија во редот на земји топ-реформатори и најдобри бизнис дестинации во светот.

 

Што се однесува до инвеститорите од Русија, од почетокот на годинава два пати имаше посета на високи македонски владини делегации на руски региони на кои беа презентирани можностите за инвестирање во Македонија. За време на првата посета беа опфатени Ростовскиот и Краснодарскиот регион, додека за време на втората посета, која беше предводена од премиерот на Република Македонија Никола Груевски, инвестициските потенцијали беа презентирани во Московската, Владимирската, Нижегородската и Ленинградската област. На овие презентации присуствуваа повеќе стотини руски бизнисмени. Можам да кажам дека сме задоволни од интересот и контактите кои беа остварени за време на овие посети, а исто така сме задоволни и што беа посетени различни региони во Русија. Очекувам контактите што се воспоставија при овие посети да продолжат во иднина и да се материјализираат преку зголемена трговија и инвестиции.

 

Кои сфери на македонската економија сметате дека би можеле да бидат најпривлечни за рускиот капитал?

 

– Генерално сите. Сепак би ги истакнал енергетиката, земјоделството, недвижностите, туризмот, минералните суровини и фармацијата. Во контекст на ова би посочил дека Македонија во голема мера го има надминато хендикепот на мал пазар со оглед на тоа што има потпишано договори за слободна трговија со сите европски земји. Се надевам дека ваков договор ќе потпишеме и со Руската Федерација, што би овозможило значајно зголемување на трговската размена.

 

Како ја оценувате соработката со Русија во областа на енергетиката. Какви препреки, според Вас, можат да и попречат на реализацијата на двостраната согласност за „Јужен тек“ и гасификацијата на Македонија?

 

– Енергетиката е сектор во кој македонско-руската соработка има направено значаен прогрес. Во 2010 година успеавме да затвориме едно крупно прашање: се потпиша спогодбата за користење на 60 милиони долари од клириншкиот долг на Русија кон Македонија за реализација на националната гасоводна мрежа во Македонија. Во текот на оваа година на средбата со премиерот Никола Груевски, претседателот на Руската Федерација Путин изрази поддршка и заложба за приклучување на Македонија кон коридорот „Јужен тек“, како и за скорешно отпочнување со проектот за гасификација на РМ, согласно Спогодбата за регулирање на клириншкиот долг. Она што радува е што веќе на следната официјална посета на македонска владина делегација, која се случи по две недели, од руската страна беше врачена нацрт-спогобата за влез на Македонија во коридорот „Јужен тек“. Исто така беше потпишан меморандум за соработка со руската компанија Стројтрансгас, кој е прв сериозен чекор кон изградба на национална гасоводна мрежа во земјава. Веќе во средината на август очекуваме експерстки тим од компанијата „Стројтранс гас“ да дојде во Македонија за финални преговори и понуда. Очекуваме договорот да се потпише до крајот на оваа година, по што би почнала и изградбата на мрежата. Во меѓувреме од македонска страна се преземаат потребните активности за да се почне со постапката за експропријација и добивање на одобрение за градба.

 

Што се однесува на приклучувањето на Македонија кон „Јужен тек“, македонската страна ја разгледува нацрт-спогодбата која ја добивме. Штом ќе ја доусогласиме и потпишеме, ќе се формира руско-македонско мешовито претпријатие надлежно за реализација на гасоводниот крак кон Македонија.

 

Вклучувањето на Македонија во проектот „Јужен тек“ и проектот за изградбата на националната гасоводна мрежа се од извонредно стратешко значење за Република Македонија кое ќе обезбеди вклучување на Македонија во меѓународните транспортни коридори и стабилен извор на гас за идните генерации. Партнерството со Русија во овој контекст е од суштинско значење.

 

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.