Очекувам економски раст од 1,5 до 2 отсто во 2010
Според Владините прогнози Македонија би требало да излезе од рецесијата до крајот на годинава, а заздравувањето ќе продолжи во 2010 година. Годината треба да ја завршиме со негативна стапка од 0,6 отсто, што ако се земе предвид интензитетот на светската економска криза и фактот дека од 27 членки на ЕУ дури 23 имаат поголем пад на економската активност од нас, јасно е дека ваквите резултати воопшто не се лоши
Петре Димитров
1.Минатата недела Државниот завод за статистика ја објави стапката на бруто домашниот производ од -1,4%, која два квартала по ред е негативна. Македонија и официјално е влезена во рецесија. Какви се прогнозите до крајот на 2009 година?
 
-Стапката од -1,4% за вториот квартал годинава беше очекувана, дури помала од проекциите на Министесртвото за Финансии, кое предвидуваше пад од 2%. Според нашите проекции негативниот предзнак ќе се задржи и во текот на третиот квартал, а иэлегувањето од рецесија очекуваме да се случи при крајот на оваа година. Очекуваме 2009 да ја завршиме со негативна стапка од 0,6 отсто, врз основа на која се темели и последниот ребаланс на буџетот. Ако се эеме во предвид интенэитетот на светската криза, како и фактот дека 23 од 27 земји во ЕУ имаат поголем пад на економската активност од нас, јасно е дека ваквите економски реэултати не се лоши. Тие воедно покажуваат дека тригодишните напори за подобрување на бизнис климата, како и антикризните мерки, беа успешни и помогнаа со помали последици да ја поминеме големата светска економска криза.
2.Како ја оценувате состојбата во буџетот по последниот ребаланс. По објавата на Статистика, пратеникот Макрадули на собраниската Комисија за финансирање и буџет побара да престане расправата за ребалансот и веднаш да се почне со составување нов. Може ли да очекуваме нов ребаланс?
– Во текот на годинава, буквално се лицитира од страна на некои опозициски партии кој повеќе да го скрати буџетот. Но никој од нив не излезе со информации врз основа на кои податоци дошле до тие предлози. Поконструктивно ќе беше ако понудеа подетална анализа за да може јавноста да разбере како дошле до тоа дека треба да се скратат 100, 200 или 300 милиони евра од буџетот. Секако, ако така пристапеа, ќе требаше да објаснат и колку би се продлабочила рецесијата ако се направат такви драстични кратења. Нека ги погледнат податоците за БДП за првиот и вториот квартал, ќе се уверат со факти дека јавната потрошувачка помогна падот на економската активност да биде помал, поублажен.Нашите проекции беа направени од стручните служби во Министерството за финансии, УЈП и Царинската Управа, а врз основа на досегашните остварувања на приходите и расходите, како и проекциите за до крајот на годината. На тој начин дојдовме до констатацијата дека треба да се скратат 80 милиони евра, колку што предложивме. Се кратеше секаде каде што имаше можност да се крати – неколку проекти кои имаат чисто увозна компонента, се целосно откажани. Такви се набавката на нови автобуси и набавката на лаборатории. Намалување на средствата има и кај други проекти како што е музејот на ВМРО, изградбата на стадионот, жичарата, надградбата на Собранието и др. Некои од опозициските партии коментираа дека со овој ребаланс се скусени само капиталните расходи, дека инфраструктурните проекти се откажани, дека ќе забави динамиката на некои за стопанството клучни проекти – што е неточно. За проектите каде има градежна активност, направивме проценка точно во која фаза се наоѓаат и обезбедени се точно толку средства колку што се потребни до крајот на 2009 година. На пример, кај патиштата сите проекти кои се веќе готови, ќе продолжат со реализација. Изградбата на регионалните и локалните патишта финансирани од Светска банка ќе продолжи. Целосно се обезбедени средства и за набавка на опрема во здравството, за таблети и вакцини против свинскиот грип, за набавка на противпожарните авиони и возила, како и за бесплатните учебници. Ги направивме проекциите најдобро што можеме и веруваме дека нема да има потреба од трет ребаланс на буџетот. Меѓутоа со оглед на движењата во светската економија, тешко е во моментов да се даде конечен одоговор. Впрочем, ММФ кој ги има најкомпетентните макроекономисти во светот, веќе 4-5 пати оваа година ги менуваше проекциите. Значи ли тоа според СДСМ дека и тие се неспособни, не знаат да проектираат?
 
3.Додека светот излегува од криза, сите очекуваат дека лошто за македонската економија допрва доаѓа. Што мислите вие?
 
-Постојат четири сценарија што ќе се случува понатаму со светската економија. Првото е дека светот никогаш целосно нема да закрепне од оваа криза, што е малку веројатно. Второто е дека заздравувањето ќе биде брзо и се ќе се врати на она што било пред да започне кризата, што е уште помалку веројатно од првото сценарио. Третото и четвртото се веќе пореални опции – закрепнувањето на светската економија да биде долго и бавно или да се случи подобрување, по што ќе има уште еден силен удар по кој се очекува вистинскиот излез од кризата. И самите сте сведоци дека прогнозите постојано се менуваат. Според нашите прогнози крајот на годинава би требало да излеземе од рецесијата, со очекување заздравувањето да продолжи во 2010 година. Очекувам во 2010 македонската економија да оствари умерен пораст од 1-1,5%.
 
4.Ќе ни треба ли помош од ММФ годинава?
 
-Со проширувањето на општата и специјалната квота на ММФ, на Македонија и се ставени на располгање 88 милиони долари кои во секое време може да бидат повлечени. Тие се дополнителна сигурност за нашите девизни резерви. Што се однесува до склучување на нов аранжман, со оглед на тоа дека имаме затворена финансиска конструкција за 2009, нема потреба од аранжман. Тоа не значи дека не сме отворени да разговараме за аранжман понатаму, доколку оцениме дека тоа е потребно и оправдано. Средствата кои ги нуди ММФ се еден од изворите за финансирање, но има и други. Земјите кои имаат склучено аранжмани со ММФ немаат подобри економски перформанси од оние кои немаат склучено аранжман. Србија, Унгарија, Украина, балтичките земји, Романија, сите имаат буџетски дефицити и пад на БДП кои се повисоки од нашите. Се зависи од одговорноста на Владата, нејзината ангажираност со антикризни мерки, како и реформските капацитети.
 
5.Кога поголемиот дел од експертската јавност навиваше за аранжман со ММФ, Владата одлучи својата макроекономска стабилност да ја осигура преку издавање на еврообврзница. Кои се ризиците на задолжувањето и како ќе се враќаат парите доколку не се инвестираат во производството?
 
-Задолжувањето со еврообврзница не е специфично ниту за Македонија, ниту за оваа Влада. Првата еврообврзница Македонија ја издаде во 2005 година, во време кога јавниот долг беше многу повисок, достигнувајќи речиси 40% од БДП, или 1.860 милиони евра. Сега јавниот долг е 27% од БДП, или 1.430 милиони евра, значи многу пооправдано е задолжувањето од аспект на нивото на задолженост на земјата. Се додека се одржува умерено ниво на јавен долг и позајмените средства се користат главно за финансирање на капитални инвестиции, задолжувањето има оправдување. А тоа е случај кај нас, бидејќи и со кратењето со ребалансот, нивото на капитални инвестиции во 2009 е двојно повисоко во однос на 2006 350 милиони евра наспроти 175 милиони евра. Тоа значи дека најголем дел од дефицитот, за чие покривање се користат позајмените средства, е креиран заради реализација на повисоки капитални инвестиции. Очекувањата се дека на среден и долг рок капиталните инвестиции ќе овозможат подобра инвестициона клима и зголемен БДП и извоз, што ќе овозможи да се враќаат позајмените средства. Тоа го прават и многу други земји кои годинава емитуваа еврообврзници.
 
6.Дали Владата и нејзините институции ќе продолжат со политиката на бранење на стабилноста на курсот по секоја цена и какви потези ќе бидат преземени за да не дојде до девалвација?
 
-Приказната за девалвација на денарот е веќе стара и депласирана. Обезвреднување на денарот на никого нема да му биде од корист, ниту на стопанството, ниту на граѓаните, ниту на државата. Курсот на денарот ќе остане стабилен, поддржан од монетарната и фискалната политика. Тоа е загарантирано и со високото ниво на девизни резерви, кое се приближи до 1,5 милјарди евра. Дали се сеќавате на катаклизмичните најави за девалвација од пред неколку месеци, пласирани од некои тнр. “експерти“ од кои дел се членови на СДСМ, а дел потајни симпатизери кои под превезот на “експерти“ и се пласираат на јавноста преку неколку медиуми? Каде се сега тие исти експерти кои најавуваа девалвација? Знаете ли колку ја чинеа Република Македонија нивните неодговорни шпекулации? Јас ќе ви одговорам: 100 милиони евра. Толку потрошивме од државните резерви за да го смириме девизниот пазар. Во друга земја со повисоко општо познавање од економијата, тие луѓе ќе заборавеа на своите академски и политички кариери, но кај нас зборот нема никаква тежина…се поминува, и натаму тие исти луѓе се нарекуваат со терминот “експерти“. Од друга страна, вистинските и најдобри макроекономски експерти во оваа земја, како на пример Глигор Бишев, или Михаил Петковски, никогаш не ги прашуваат, затоа што се знае дека држат до својата стручност и професионализам, и затоа нема да излезат во јавност и да плукаат врз се што прави Владата.
 
7.Македонија во последниот извештај на Светска банка е рангирна како топ реформатор број 3 на светско ниво. Високо рангирани бевме и минатата година. Сепак, состојбата на терен не покажува дека имаме некоја голема корист од ваквото рангирање. Регулативата за водење бизнис е оценета како добра. Што е проблемот поради кои немаме ни домашни, ни странски инвестиции, ниту пак покачување на стандардот. Дали е во прашање безбедноста (дека не сме членка на НАТО и се уште имаме етнички тензии), дека сме мал пазар или е нешто друго?
 
– Ајде да зборуваме со факти и бројки: само во првите шест месеци годинава, во време на најголемата светска економска криза, во Македонија имаат влезено 110 милиони евра странски инвестиции. За споредба, во 2005, 2004 и 2003 година, кога во светот имаше економска експанзија, во Македонија влегуваа едвај по 100 милиони евра и тоа за цела година. Или ако сакате да ги споредиме податоците и од 2008 и 2007 година, кога светот не беше во светска економска криза. Вкупните странски инвестиции во тие две години достигна 507, односно 413 милиони евра, значи 4-5 пати повеќе од порано. И домашните инвестиции, како приватни, така и јавни, се повисоки од било кога порано што го потврдува стапката на бруто иннвестиции која достигна 27,7% од БДП на крајот од 2008. Тоа е највисоко ниво на инвестиции во последните 10 години. Дали сега може да се заклучи дека немаме резултати од подобрувањето на бизнис климата?За разлика од пред три години, кога единствено странски пари во земјава влегуваа кога се продаваше некоја државна компанија, сега можеме да зборуваме и за гринфилд инвестиции, односно странски компании кои почнуваат да градат во земјава од нула. Минатата недела најголемата кинеска и најголемата јужнокорејска компанија за производство на ЛЦД монитори Хајер и Тривју, започнаа со изградба на нова фабрика во Бунарџик. Почетната инвестиција е 9 милиони евра, која во старт ќе обезбеди 100 нови вработувања, а понатаму се планира истата да се прошири. Две водечки светски компании како Џонсон Контролс и Џонсон Мети работат во слободната зона, ефектите од нивната работа допрва почнуваат да се чувствуваат. Инвестиции има и во банкарството, осигурувањето, недвижностите. Дали се доволно? Секако дека не се. Но не може да се негира петкратен пораст во однос на порано, како и тоа дека светската економска криза го пресече тој одличен тренд.
 
8.Еден од најголемите проблеми на инвеститорите се нерешените имотно-правни односи. До каде е процесот на денационализација?Дали процесот е заглавен?Кога е планирано неговото завршување?
 
– Ако се има предвид бројот на решените барања од страна на првостепените комисии за денационализација во однос на поднесените барања, може да се каже дека процентот на решените барања до 31.08.2009 година е над 95%. Околу три четвртини од донесените решенија се правосилни, а другите се во жалбена постапка. Од јуни 2000 година до крајот на декември 2007 година (законскиот рок за поднесување на барања за денационализација) вкупно се поднесени 30744 барања. Од септември 2000 година до 31 август 2009 година бројот на решените барања изнесува 29676, така што за решавање по првпат остануваат помалку од 1000 предмети. Процесот тече добро, но е комплексен процес и затоа е потребно повеќе време. Сепак, се согласувам со вас дека е добро што побрзо да заврши, и од аспект на инвестиционата клима, и од аспект на исправање на една од неколкуте големи историски неправди кон определени категории граѓани.
 
9.Една од најголемите забелешки од Брисел, но и на домашните експерти е превработеноста во администрацијата. Бидејќи вашето министерство го дава последниот збор за нови вработувања може ли да ни кажете дали ќе има нови вработувања или пак како што шпекулираат медиумите ќе има големи, вистински кастрења. Какви се проекциите по ова прашање?
 
-Владата оваа година ја намали вкупната маса на плати за 684 милиони денари со вториот ребаланс. Воведена е построга дисциплина – оние места кои се испразнети во јавниот сектор поради пензионирање или пак заминување на вработениот во приватниот сектор не се пополнуваат. Направени се заштеди и по други основи кај администрацијата, намалени се дневниците за службени патувања, трошоците за телефони и слично. Со кратењата кои се направени со овој ребаланс нивото на овие расходи е дури под нивото на оние од лани. Тоа е добар тренд, но не е доволно, мора да продолжиме во иста насока. Инаку, препораките на Брисел се однесуваа на подобрување на стручноста и перформансите на администрацијата. Целосно се согласувам дека квалитетот на администрацијата, а посебно односот кон работата, е незадоволителен. Нејзиниот менталитет е сеуште оној од 1990-те, дека се незаменливи, дека се над граѓаните и фирмите, а не нивен сервис. Според мое мислење, тоа е една од работите во кои имавме послаб успех. Заради слабото работење на пониските нивоа на администрацијата, дел од добрите реформски проекти на Владата, не се почувсвуваа со полн ефект кај граѓаните. Потребни се порадикални чекори, потребна е коренита промена. Има државни службеници кои добар дел од работното време го поминуваат во дремење во своите канцеларии, или на кафиња и паузи. Многу покорисно би било да ги разместиме на терен, во внатрешноста на земјата, поблиску до граѓаните, или пак да ги ослободиме од обврските доколку не се заинтересирани да ги завршат како што треба.
 
10. Деновиве СДСМ излезе со својата програма Решенија за Македонија, во која тврдат дека најмногу се фокусираат на економијата. Експертските мислења се поделени, какво е вашето мислење за оваа програма?
 
-Да започнам со она што е добро: после 18 години во кои СДСМ беше или на власт или главна опозициска партија, добро е што конечно напишаа програма. Веројатно сфатија дека помина времето во кое беше доволно лидерот да се појави пред граѓаните и со празни зборови и ветувања да ги анимира од избори на избори. Меѓутоа, не е добро што квалитетот на програмата е многу слаб. Визуелно, таа е копија на програмата на ВМРО Преродба во 100 чекори. Но содржински, програмата на СДСМ е навистина бледа и безидејна. Каква е таа програма во која нема конкретни проекти, нема никакви пресметки за трошоците, нема рокови и нема одговорни институции? Тоа не е програма, туку визија. Што би рекле, “I have a dream“ програма. Е добро де, секој има желби, но што со тоа? Сериозните партии имаат не само желба, туку и волја преточена во конкретен план за реализација. Како СДСМ ќе излезат пред граѓаните, што ќе им кажат? Дека во определено време определена институција ќе направи определени работи за определена категорија на граѓани да добијат определен износ на средства за да живеат подобро? Каде во програмата пишува колку ќе изнесуваат субвенциите за земјоделците? Колку ќе изнесуваат инвестициите во образованието, колку во болниците, дали и колку ќе се зголемуваат платите и пензиите, колку километри патишта и колку социјални станови ќе се изградат и кога, како ќе се обезбедат средствата…тоа се конкретни работи кои мора да ги содржи една програма. Во спротивно, ваква каква што е, таа е список на желби, програма без кредибилитет. Што нас и не не изненади, знаејќи дека нејзини главни автори се луѓе без практично искуство. Во економскиот дел, единствено што е јасно во програмата е дека ќе ги зголемат даноците со тнр. прогресивен данок. и оданочувањето на добивката. Но и тука е нејасно за колку и од кога, колку приходи ќе добијат или загубат заради тоа. Значи, јасно е дека СДСМ сака да го напушти концептот на низок рамен данок, и тоа е многу лоша идеја. Тоа е идеја која не би ја предложил добар економски експерт. Зошто тогаш СДСМ сака да го менува концептот кој во тригодишната практика се покажа добар и за стопанството, и за граѓаните, и за буџетот, и кај нас, и во многу европски држави? Зошто предлагаат даночен концепт кој е анахрон, го имавме во пракса 15 години и се покажа како неуспешен? Нема логичен одговор, освен фактот дека го предлагаат тоа затоа што во тој сложен и анахрон систем, имаше многу дупки, многу даночни ослободувања кои беа злоупотребувани за даночна евазија на фирми блиски на власта. Затоа се прибираа помалку средства во буџетот, па немаше пари за субвенции, пензии, инвестиции. Сега пак го предлагаат истото. Не им е лесно: должат на многу лоби групи, стар долг од 1990-те кој не е исплатен и кој треба да го одработат. Но треба да знаат, напуштањето на рамниот данок ќе предизвика економски пад и ќе ја врати македонската економија неколку години наназад. Рамниот данок прерасна во институција и тоа мора да се почитува.
 
11.Едно прашање како член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ. Се погласни се шпекулациите за предвремени избори. Коментар?
 
-Нека не се плашат сите што се плашат, а кои заради тој страв ги пуштаат шпекулациите. Нема предвремени избори. Имаме уште три цели години работа. И уште многу нови идеи.