Неодамна во разговор со еден добар бизнисмен, ги анализиравме искуствата на земјите кои успеале да остварат значаен економски прогрес во последниве две децении.
Неодамна во разговор со еден добар бизнисмен, ги анализиравме искуствата на земјите кои успеале да остварат значаен економски прогрес во последниве две децении. Наспроти вообичаеното уверување дека даночните поволности, добрата географска позиција или богатството со природни ресурси се клучни фактори, дојдовме до еден едноставен заклучок: образованата работна сила е најзначајниот фактор за економскиот развој на најуспешните земји.
Системот на образование има двојна улога: едукативна и воспитна. Образованието може да се спореди со технолошки производен процес во кој од ученикот треба да се направи добар готов производ: образован, воспитан, стручен и морално изграден човек. Наставникот и воспитувач во овој процес е главен организатор, технолог и менаџер на производството. Меѓутоа, долги години образованието во Република Македонија не произведува добар производ. Всушност, тоа прерасна во основен проблем на економскиот развој. Проблем со кој се сериозно засегнати сите родители, наставници, ученици, студенти и професори. Засегнати сме сите ние.
Можеби како добар илустративен пример за тоа какви се состојбите ќе послужи приказната со лошиот ученик што станал успешен транзициски бизнисмен. Тој после долги години ја сретнал својата учителка и од почит и се јавил да ја поздрави. Старата учителка, пријатно зачудена, го прашала како ја познал по толку години? Бизнисменот и одговорил дека ја познал по капутот.
Најмалку сакам да бидам сатиричен кон оваа благородна професија, уште повеќе што и самиот потекнувам од учителско семејство. Напротив, сакам да укажам на потребата од подобрување на угледот на истата, а секако и подобрување на угледот и достоинството на просветните работници. Долгогодишното запоставување на оваа професија, заедно со уништувањето на вистинските морални вредности и промовирањето на необразовани и интелектуално инфериорни транзициски ,,инстант богаташи”, доведе до тоа моралот и мотивацијата кај сите, па и кај оние кои треба да учат на вистинските вредности, да падне на навистина ниско ниво. Исто како што паднаа недозволиво ниско и критериумите за оценка на квалитетот и знаењата на учениците.
Моралот уште повеќе падна на ниско ниво кај генерации на политички структури кои образованието го сфатија како непотребен трошок. Следствено, тие настојуваа буџетските средства за образование по секоја цена да се намалат. Така, платите на наставниците дојдоа под секое достоинство, а долги години не се инвестираше ниту во образовна инфраструктура. Училниците станаа руинирани. Некои училишта сеуште немаат спортски сали, како ни основни услови за греење и санитарни јазли. Сите овие појави несомнено доведоа до намалување на квалитетот на воспитно-образовниот процес.
Во високото образование ваквиот однос имаше уште подеструктивни последици. Заради природниот процес, многу професори се пензионираа, а малку млади асистенти се примија, што доведе до стареење на универзитетот. Денес имаме факултети со помалку од десет асистенти на цел факултет. Некои катедри дури останаа и без асистенти. И тоа во услови кога се прифати Болоњската декларација и се воведе кредит-трансфер системот кој бара зголемено ангажирање на наставниците во работа со студентите и повеќе практична работа. Катастрофално лошата кадровска политика доведе до апсурдни ситуации кога редовни професори пред пензионирање почнаа да држат вежби и да вршат работи на ниво на помлади асистенти. Тоа генерира силен проблем со нерамномерната распределба на наставните ангажмани, преоптовареност во наставата и зголемен број на часови. Проблемот е уште поголем бидејќи малку е инвестирано и во опрема, лаборатории и друга образовна инфраструктура. Злоупотребувајќи ја автономијата на универзитетот, некои професори интелектуалната мисија ја заменија со гол бизнис. Тоа се политики и појави кои се криминални кон сопствениот народ и кон неговата иднина.
Свесни дека образованието за една држава не е трошок туку е најдобрата инвестиција, ние драстично го зголемивме износот на буџетски средства наменет за образованието, со што во 2008 година ќе достигне респектабилни 5,5% од БДП. Тоа е ниво кое е споредливо со просекот во повеќето земји на ЕУ. Платите во образованието се веќе повисоки за 10%, а ќе се зголемат вкупно за 34% до крајот на 2009. За подигнување на севкупното образовно ниво воведовме задолжително средно образование. За зголемена комуникација со светот и во контекст на нашето приближување кон ЕУ, воведовме задолжително изучување на еден странски јазик во 1-во одделение и на втор странски јазик од 6-то одделение. Верувајќи дека физичкото здравје и спортот се значајни за формирање на здрави личности, се зафативме со проектот за изградба на 145 спортски сали во училиштата низ цела Македонија.
Еден од клучните фактори за подобрување на економијата и за привлекување на странските инвеститори е постоењето на високо образувани кадри кои се бараат на пазарот на работна сила. Во денешно време, тоа се особено кадрите од областа на технологијата и информатиката. Затоа, за прв пат во Македонија ги зголемивме квотите за упис на техничките факултети, а во средните училишта се воведе предмет Информатика. Проектот ,,Компјутер за секое дете” ќе обезбеди 100.000 компјутери за учениците во основно и средно образование, со цел да се подигне информатичката култура уште од најмалите години. Ваучерите за апсолвентите се чекор во насока на нивно подобро владеење со компјутерските техники и подготвеност за предизвиците на нивната идна професија. Илјадници граѓани веќе ја користат можноста за бесплатна компјутерска обука.
Проблемите во образованието се генерирани со години наназад. И покрај сите заложби во последниве 12 месеци, потребни се многу години за да се исправат работите. Но како и да е, единствено образованието дава знаење и моќ човек да се извлече од бесперспективноста и сиромаштијата. Затоа, образованието е најдобрата инвестиција. Инвестиција во нашите деца, во нашата иднина и во иднината на Република Македонија.