Социјалдемократскиот сојуз се обиде на еден, да кажеме, недостоинствен начин да ја разниша таа доверба. Реално, нема пример во светот опозицијата да направи еден таков преседан, вели министерот за финансии во интервју за Телеграф.мк
Големиот интерес за еврообврзницата на меѓународниот пазар докажува дека инвеститорите имаат доверба во владините економски политики, вели Кирил Миноски, министерот за финансии, во интервју за Телеграф.мк. Во јавноста мошне гласно одекна издавањето на еврообврзницата, откако опозициската партија СДСМ со писма реагираше дека процесот е нелегален. Миноски е дециден дека аргументите и фактите биле на нивна страна и уверува дека буџетот е во добра кондиција.
– Аргументите и фактите беа на наша страна, за што добивме потврда од инвеститорите кои покажаа голем интерес за еврообврзницата. Всушност, големиот интерес за еврообврзницата на меѓународниот пазар на капитал е потврда за довербата во економските политики на Владата. Социјалдемократскиот сојуз се обиде на еден, да кажеме, недостоинствен начин да ја разниша таа доверба. Реално, нема пример во светот опозицијата да направи еден таков преседан. Тврдеа дека издавањето на еврообврзницата е незаконско, дека се крши Законот за влада, дека треба да се добие согласност од дополнителен заменик-министер за финансии – истакнува Миноски.
Миноски истакнува дека всушност повикувањето на Законот за влада од страна на дополнителниот заменик-министер, кој си даде оставка, е неосновано.
– Всушност, ситуацијата е следна – дополнителниот заменик-министер за финансии пред неколку месеци самоиницијативно си поднесе оставка. Оставката му беше прифатена од Собранието. Во меѓувреме, изборите во април беа откажани, закажавме избори во јуни, па и тие беа откажани. Датум за избори се очекува кон крајот на август. Согласно Законот за влада, 100 дена пред избори се формира техничка влада. Ние немаме датум за избори, немаме техничка влада, немаме дополнителен заменик-министер за финансии. Така што повикувањето на Законот за влада е неосновано – истакнува Миноски.
Тој категорично вели: Целата постапка за издавање на еврообврзницата беше во согласност со законите. Усогласена е со Министерството за правда, со правните застапници на конзорциумот од светски реномирани банки, преку кои е издадена еврообврзницата.
Простор за банките повеќе да кредитираат
Т: На што всушност ќе се трошат парите од еврообврзницата?
– Еврообврзницата се издава за буџетски потреби во 2016 и 2017 година, како и за отплата на доспеани обврски. Имаше шпекулации од страна на опозицијата дека средствата од еврообврзницата не се наменети за две години бидејќи во ребалансот во ставката депозити не се ставени тие средства. Ова е апсолутно неточно.
Имено, кога беше доставен ребалансот до Собранието сè уште не беше објавена одлуката на Владата за издавање на еврообврзница, таа се објави потоа. Со оглед дека постапката за донесувањето на ребалансот предвидува по комисиската расправа во Собранието, Владата повторно да го разгледува и да може да прави дополнувања и измени на ребалансот, Министерството за финансии во дополнетиот предлог-ребаланс ја предвиде објавената одлука за издавање на еврообврзница. Дополнета е ставката на депозити, односно средства што ќе останат на крај од 2016, односно на користење во 2017 година.
Т: Што значи издавањето на еврообврзницата?
– Со издавањето на еврообврзницата се обезбедува стабилност во финансирањето на буџетските потреби, што ќе влијае кон одржување на макроекономската стабилност. Со обезбедување средства од странскиот пазар на капитал, им се остава простор на домашните комерцијални банки поголем дел од средствата да ги пласираат во кредити кон корпоративниот сектор.
Т: Колкав е јавниот долг на државата со издадената еврообврзница? Дали е Македонија презадолжена земја?
– Македонија останува меѓу десетте најмалку задолжени земји во Европа и кога ќе се вкалкулира еврообврзницата. Јавниот долг со издадената еврообврзница ќе биде под 50 отсто, што е под Мастришкиот критериум од 60 отсто од БДП.
Годинава достасуваат за отплата обврски во износ од околу 180 милиони евра, кои ќе ги отплатиме со дел од средствата од еврообврзницата, што ќе влијае на намалување на државниот долг, а исто намалено е и домашното задолжување.
Мора да има политичка разврска
Т: По постигнатиот политички договор, ако се закажат избори, ќе имате и дополнителен заменик-министер за финансии пред нивно одржување. Што очекувате?
– Се надевам на одговорност, односно државните интереси да бидат секогаш пред партиските, а не обратно.
Т: Политичката нестабилност во земјава почна да се одразува и на економијата. Во каква кондиција е буџетот и што очекувате за оваа економска година, во смисла на раст на БДП и другите показатели?
– Буџетот е во добра кондиција. Ребалансот на буџетот е во собраниска процедура. Со ребалансот настојувавме да ја задржиме развојната компонента и да не скратиме ниту еден капитален проект, туку истите да ги усогласиме согласно нивната реална динамика на реализација. Капиталните инвестиции во буџетот се на историски највисоко ниво
Согласно политичката ситуација, ги намаливме проекциите за раст на економијата од 4 на 2,3 отсто. Очекувам оваа проекција да се реализира. Позитивни движења имаме во однос на намалување на стапката на невработеност која е на историски најниско ниво од 24,5 проценти и во континуитет се намалува.
Разврската на политичката криза е од круцијално значење за Македонија да се врати на патеката на економски развој, за странски и домашни инвестиции и за најважното од сè – отворањето нови работни места и со тоа подобрување на животниот стандард на граѓаните.