5 март 2018, Скопје – Финансискиот систем е стабилен, со минимални системски ризици. Краткотрајната нестабилност предизвикана од домашните политички превирања во април и мај минатата година е целосно надмината, беше заклучено на денешната седница Комитетот за финансиска стабилност.

Според министерот за финансии Драган Тевдовски, финансискиот систем е стабилен, функционира нормално и ќе обезбеди поддршка за раст на македонската економија.

– Првпат од кризата, во последните осум години имаше пад на државниот и јавниот долг во релативен износ. Обезбедивме еврообврзница во најоптимално време и по најдобри можни услови, а според последните податоци повратот на ДДВ кон фирмите се врши неселективно и брзо. Ако ги погледнете месеците јануари и февруари годинава, во однос на истите месеци минатата година, повратот на ДДВ е поголем за 1,4 милијарди денари или за 56 проценти. Тоа значи дека бргу се враќа ликвидноста во фирмите, тие да работат, да имаат активност и можат да инвестираат – изјави Тевдовски.

Според гувернерот на Народна банка на Република Македонија, Димитар Богов, ризиците во банкарскиот систем се минимални. Банките со својата висока капитализираност и ликвидност се стабилни и отпорни на шокови. Ова упатува на тоа дека банкарскиот сектор е особено добро капитализиран, високо ликвиден и подготвен да ја поддржи македонската економија, посочи гувернерот  Богов и порача дека е неопходно да се врати довербата кај инвеститорите.

Условите се стабилни подолг период, банките се високо ликвидни и неопходно е да се врати довербата кај инвеститорите, да се зголеми побарувачката за кредити. Банките се подготвени и може да ги испорачаат кредитите, но потребни се квалитетни проекти и посилна инвестициска активност –  дополни Богов.

Монетарната поставеност, како што појасни тој, ќе зависи од монетарната политика во еврозоната, како и од тоа каква ќе биде фискалната политика, политичката стабилност и каков е платниот биланс, односно состојбата на девизниот пазар. На тие клучни пунктови моментално има доста поволни движења.

Ова е петта седница на Комитетот – тело формирано од страна на Министерството за финасии и НБРМ. Станува збор за форум  на кој двете институции дискутираат за клучни прашања поврзани со финансискиот сектор и е во насока на одржување на добрата комуникација и координација меѓу нив.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.