Врз основа на Одлуката за објавување конкурс за ученици од основното и средното образование по повод Светскиот ден на штедењето ‒ 31 октомври и Денот на осигурувањето – 1 ноември и одобрување средства O. бр. 02-30505/1 од 3.10.2019 година, Народната банка на Република Северна Македонија, Министерството за финансии на Република Северна Македонија и Агенцијата за супервизија на осигурување објавуваат
КОНКУРС
за ученици од основното и средното образование по повод
Светскиот ден на штедењето ‒ 31 октомври
и Денот на осигурувањето ‒ 1 ноември
1. Теми и услови на конкурсот за учениците од основното образование
Учениците од основното образование може да испратат литературна творба ‒ песна и/или ликовна творба ‒ цртеж, вклучително и цртеж изработен на дигитален уред, на една или на двете зададени теми:
„Штедам, сонувам и желбите ги остварувам“ и
„Осигурувањето и јас“
За избраните најдобри творби на учениците од основно образование ќе им бидат доделени вкупно 12 награди, и тоа:
– по 3 награди за најдобра литературна творба ‒ песна на двете теми, или вкупно 6 награди и
– по 3 награди за најдобра ликовна творба ‒ цртеж, вклучително и цртеж изработен на дигитален уред, на двете теми, или вкупно 6 награди.
На учениците чиишто творби ќе бидат наградени ќе им биде доделена парична награда во износ од по 3.000,00 денари за најдобра ликовна и литературна творба, со исплата на средствата во банка по нивен избор.
Крајниот рок за доставување на творбите е 21 октомври 2019 година.
2. Теми и услови на конкурсот за учениците од средно образование
Учениците од средното образование може да учествуваат на конкурсот преку доставување:
а) литературна творба ‒ есеј на тема: „Парите и штедењето – некогаш и сега“.
Есејот треба да има најмногу 1.800 збора и да содржи личен поглед кон улогата на парите и штедењето низ времето, со осврт на некои од следниве прашања: улогата на парите и штедењето во економијата, значењето на штедењето за иднината, ставот на младите кон штедењето, семејните навики и штедењето, класичните наспроти современите форми на штедење, класичните наспроти новите начини на плаќање, познавањата на младите за штедењето во финансиските институции, ставот на младите во однос на потребите за финансиска едукација и други аспекти.
б) литературна творба ‒ расказ на тема: „Животот е полн со изненадувања, осигурувањето е мојата финансиска безбедност и заштита“.
За избраните најдобри творби на учениците од средното образование ќе им бидат доделени вкупно 6 награди, и тоа:
– 3 награди за најдобра литературна творба ‒ есеј и
– 3 награди за најдобра литературна творба ‒ расказ.
На учениците чиишто творби ќе бидат наградени, ќе им биде доделена парична награда во износ од по 6.000,00 денари со исплата на средствата во банка по нивен избор.
Крајниот рок за доставување на творбите е 21 октомври 2019 година.
Заеднички услови коишто важат за учениците од основното и средното образование:
Со цел да се заштити работата на учениците, Ве молиме потпишете ги Вашите творби, со тоа што на задниот дел на творбите задолжително ќе се наведат следниве информации:
– Име и презиме на ученикот; – Назив на училиштето каде што ученикот посетува настава (одделение / година / општина / село / град); |
Начин на достава на творбите:
Сите творби (цртеж, песна, расказ и есеј) може да се достават директно во Архивата на Народната банка или преку пошта. Литературните творби (песна, расказ и есеј) и ликовните творби (исклучиво цртеж изработен на дигитален уред) може да се достават и по електронски пат на следнава електронска адреса: tvorbi@nbrm.mk.
Адреса за достава преку пошта со назнака:
„За конкурсот по повод Светскиот ден на штедењето – 31 октомври“ и/или
„За конкурсот по повод Денот на осигурувањето – 1 ноември“
НАРОДНА БАНКА НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА
бул. „Кузман Јосифовски-Питу“ бр. 1, 1000 Скопје.
Пристигнатите творби ќе бидат разгледувани и оценувани од жири-комисиите формирани од претставници на Народната банка на Република Северна Македонија, Министерството за финансии на Република Северна Македонија и Агенцијата за супервизија на осигурување.
Списокот на наградените ученици, датумот и локацијата на доделувањето на наградите ќе бидат објавени најдоцна до 31 октомври 2019 година, на интернет-страниците на трите институции: на Народната банка http://nbrm.mk/, на Министерството за финансии https://finance.gov.mk/ и на Агенцијата за супервизија на осигурување http://aso.mk/.
За подетални информации Ве молиме обратете се на електронската пошта на Народната банка: tvorbi@nbrm.mk, Министерството за финансии: finance@finance.gov.mk и Агенцијата за супервизија на осигурување: contact@aso.mk.