Скопје, 22 јануари 2015 (МИА) – Реформите кои се спроведуваат во Македонија и во Косово, европските и евро-атлантските интеграции и можностите за понатамошно унапредување на односите во сферите од заемен интерес беа теми на денешните разговори во Скопје меѓу македонскиот премиер Никола Груевски и потпретседателот на косовската Влада и министер за надворешни работи Хашим Тачи.
Двете страни, како што соопшти владината прес-служба, ја истакнале својата стратешка определба за членство во Европската унија и НАТО, потенцирајќи дека тој пристап е најдоброто средство за обезбедување понатамошен напредок на регионот.
Станало збор и за подготовките за одржување заедничка владина седница помеѓу двете земји, на која би се разговарало и за конкретни проекти за унапредување на соработката.
Се разговарало и за реализација на инфраструктурни проекти од регионален контекст, со што ќе се унапредат условите за засилување на трговската размена, а воедно ќе има и позитивно влијание за економскиот раст и отворањето нови работни места.
Акцент бил ставен на можностите за продлабочување на економските односи, за што постои сериозен потенцијал. Во оваа функција по средбата беше потпишан Договор за заемно поттикнување и заштита на инвестициите, кој во име на Македонија го потпиша Зоран Ставрески, заменик претседател на Владата и министер за финансии.
Со потпишувањето на овој Договор се воспоставува правна рамка која на инвеститорите им ја гарантира сопственоста и правата кои произлегуваат од сопственоста. Постоењето на ваков Договор е еден од најважните предуслови за стимулирање на деловните иницијативи и привлекување инвеститори меѓу двете држави, со што во претстојниот период би се придонело кон зголемување на бројот на деловни односи и инвестиции помеѓу субјектите од двете земји.