Скопје, 20 март 2012 (МИА) – Македонија потпиша договор за одбегнување двојно оданочување и заштита на инвестициите со Државата Кувајт. Договорот денеска во Скопје го потпишаа вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и амбасадорот на Кувајт Абдула Ал-Дуваик.
Според потписниците на договорот, ова претставува врата за инвеститорите од двете земји, како и можност за продлабочување на соработката меѓу Македонија и Кувајт. Се подобрува амбиентот за инвестирање во двете земји. Инвеститорите ќе заштедат бидејќи нема да плаќаат данок во двете земји туку само во едната, каде што е базиран нивниот бизнис.
– Улогата на Владата и на државите е да создадат добра правна рамка со цел да овозможат приватниот сектор и бизнисмените полесно да го извршуваат својот бизнис. Се надеваме дека на ваков начин посебно во нашиот дел Република Македонија ќе овозможи поголем број инвеститори од Кувајт да дојдат во нашата земја и овде да го реализираат својот бизнис преку учество во инфраструктурни и други проекти, рече вицепремиерот Ставрески.
Тој оцени и дека договорот е можност да се отворат пазарите во арапскиот свет, како и за поголем број инвестиции од Кувајт во Македонија. Области каде што може да се очекуваат инвестиции и соработка се недвижностите, туризмот, агробизнисот, извозот на вода и реализација на други инфраструктурни проекти во рамки на петгодишниот план на Кувајт во вредност од над 135 милијарди долари.
– Амбасадорот ми соопшти дека планoт е во вредност од над 135 милијарди долари. Тоа е шанса за македонските градежни компании кои што се добро познати на тој пазар, да добијат работа таму, да вработат луѓе и да учествуваат во изградбата на различни проекти. Преку Амбасадата ќе добиеме детални информации за типот на проекти и ќе ги информираме стопанските комори и компаниите од нашата земја коишто на времето биле присутни на тој пазар, а и сите други, рече Ставрески.
Според него, Македонија е атрактивна за компаниите од Кувајт во делот на недвижностите, во делот на туризмот и туристичките услуги, во агробизнисот. Со амбасадорот на Кувајт разговарале и за воспоставување контакти меѓу компании евентуално за извоз на вода од Македонија во Кувајт бидејќи тоа е дефицитарен производ кај нив, како и во делот на реализација на други инфраструктурни проект. – Сепак, бизнисот е тој којшто ќе каже каде е најголемиот интерес. Наше е да им создадеме добри услови, односно да ги намалиме трошоците и бизнисмените да не плаќаат двапати данок, односно да можат само со овие ниски стапки кај нас да го реализираат својот бизнис, наведе вицепремиерот Ставрески.
Македонија, оцени, е пазар од два милиони жители, но како резултат на потпишаните договори за слободна трговија на инвеститорите им нуди пазар од 650 милиони потрошувачи.
Амбасадорот од Кувајт Абдула Ал-Дуваик посочи дека дополнителен импулс на продлабочување на соработката меѓу двете земји покрај денеска потпишаниот договор кој ја дава правната рамка за инвеститорите во двете земји, е и скорешната посета на премиерот на Македонија на Кувајт.
– Македонија нуди многу можности и Кувајт ќе го поддржи развојот преку инвестиции во туризмот, банкарскиот сектор и во другите области. Всушност во сите области Македонија има добра позиција во регионот и секако дека ќе ги поттикнеме и Владата и приватниот сектор да инвестираат во Република Македонија, изјави по потпишување на договорот Ал-Дуваик, кој додаде дека постои цврста врска за соработка од минатото меѓу двете земји. Градежниот сектор од Македонија, псочи, работеше на проекти во Кувајт, а и сега има можност да учествува и во други области.
Ал – Дуваи посочи дека отворањето амбасади во Скопје и Кувајт ќе отвори повеќе канали за соработка меѓу двете земји.