Санкт Петербург, 19 јуни 2010 (МИА)- Македонскиот вице-премиер и министер за финансии Зоран Ставрески и рускиот заменик-министер за финансии Дмитриј Панкин денеска во Санкт Петербург го потпишаа Договорот за подмирување на рускиот клириншки долг кон Македонија.

 

– Со потпишувањето на овој Договор се затвора едно децениско прашање што ги оптоваруваше односите во економскиот дел и верувам дека сега со тоа ќе се унапреди економската и енергетската соработка меѓу двете земји, изјави Ставрески по церемонијата на потпишување на спогодбата.

 

Со договорот, со кој го регулира подмирувањето на долгот на некогашниот Советскиот Сојуз кон поранешна Југославија, Македонија добива 60 милиони американски долари, што ќе бидат искористени за реализација на проектот за гасификација на земјата.

 

– Со ова практично добиваме можност за зголемена соработка со Руската Федерација и со еден значаен партнер како што е „Газпром“, енергетски гигант во светски размери, кој што ќе ни помогне побрзо да го реализираме проектот за гасификација. Верувам дека во блиска иднина Македонија ќе влезе на меѓународната енергетска мапа, потенцира Ставрески.

 

Реализација на вкупниот проект за гасификација на Македонија чини 300 милиони евра, од кои во првата фаза со средствата од клириншкиот долг и од македонската Влада ќе бидат обезбедени вкупно 62 милиони евра.

 

Покрај ова, согласно договореното со претставниците на „Газпром“, предвидено е еден крак од трансевропскиот гасовод „Јужен поток“ да минува низ Македонија, како и учество на рускиот гигант во изградба на гасни електроцентрали и евентуална трансформација на ТЕЦ „Неготино“ во гасна електрана.

 

Рускиот-заменик министер Панкин од своја страна нагласи дека со потпишувањето на Договорот во следниот период се отвораат можности за интензивирање на економската соработка меѓу Македонија и Русија во повеќе сектори.

 

На рускиот пазар сега се присутини повеќе македонски фирми, пред се од сферата на винарството, тутунските производи, фармацевтската, прехрамбената и конзервната индустрија и градежништвото. Во моментов руско-македонската соработка во голем дел е оринетирана кон откуп на македонски раноградинарски производи, праски и јаболки, кои потоа се пласираат на пазарите во Русија. Претстојново лето во соработка со туроператорите со редовни чартер летови се очекува Македонија да ја посетат околу 2.000 руски туристи, а постојат и можности македонското слатко вино од септември да се користи во црковните церемонии во Руската православна црква.

 

Договорот беше потпишан во рамките на работната посета на на македонската делегација предводена од претседателот Ѓорге Иванов на Русија, што заврши денеска.

 

Иванов вчера се сретна со рускиот претседател Дмитриј Медведев со кого разговараше за можностите за подобрување на економските односи меѓу Македонија и Русија и за потенцијалите за отворање на рускиот пазар за македонските производи, На средбата станало збор и за укинување на визите за руските граѓани при влез во Македонија, при што Иванов го инфромирал Медведев дека македонската страна е расположена за ваков чекор, што дополнително ќе продонесе за подобрување и јакнење на билатералните односи.(МИА)

 

слики од настанот

Comments are closed.