Република Македонија ќе повлече 220 милиони евра од отворената кредитна линија од Меѓународниот монетарен фонд.
 
Како што информира вицепремиерот и минситер за финансии Зоран Ставрески, Владата го известила Фондот за ваквата одлука да повлече средства од одобрената кредитна линија во износ од 390 милиони евра на почетокот на годината.
 
– Одлуката е донесена врз основа на променетите околности пред се во делот на политичката ситуација и извесните предвремени избори како и потребата од одлагање на издавањето на еврообврницата во такви околности, како и од аспект на одговорното однесување на Владата да ги антиципира тие настани и да презема мерки за обезбедување доволно средства за редовно извршување на буџетот во следните некоклу месеци додека трае процесот на изборите, изјави министерот за финансии.
 
Тој додаде дека не се повлекува целиот износ од одобрената кредитна линија од 390 милиони евра, што е потврда дека таа се користи за да се преброди овој период кога има неочекуван настан. Период во кој, исто така, има ризици во однос на можноста да се излезе на пазарот на еврообврзница и не може да се чека да се распушти Парламентот и владата да функционира како техничка.
 
Мора, потенцира министерот, да се преземат мерки однапред за да се обезбедат доволно средства за редовно извршување на сите функции на буџетот, за ликвидноста на економијата и слично. Средствата, како што истакна, ќе се трошат за сите буџетски потреби, а ќе се настојува да се вратат пред време доколку се укажат можности за тоа.
Средствата се одобрени под исклучително поволни услови со камата од 1,4 отсто, со рок на отплата од пет години со грејс период од три години и еден квартал.
 
– Република Македонија и натаму ќе остане партнер на ММФ и обратно, ММФ партнер на Македонија како земја со здрави и солидни економски политики. Ќе настојуваме во иднина да бидеме посветени да излеземе на пазарот на еврообврзница тогаш кога околностите ќе бидат соодветни и доклку се укажат такви околности можно е и ќе настојуваме пред време да ги вратиме средствата кон ММФ, истакна министерот.
 
Одговарајќи на новинарски прашања за објавените податоци за порастот на БДП за минатата година, Ставрески истакна дека во објавените бројки во однос на еконосмката активност има простор и за задоволство бидејќи ако се следи порастот од третиот квартал од 1,3 отсто и во четвриот од 2,3 отсто евидентно е дека има солиден тренд и добар влез и почеток во 2001 година што дава реална основа да се верува оти ќе се оствари проектираниот раст за годинава од 3,5 отсто.
 
– Вкупниот пораст за минатата година е голем резултат на тоа што беше во првата половина на годината, но тоа е зад нас, а оној дел од втората половина од годината е тому во рамки на нашите предвидувања, изјави министерот и додаде дека од структурата на БДП која покажува пораст на градежништвото од 38 отсто и над 30 проценти учество на бруто инвестиции во БДП има некои позитивни движења кои можат и во иднина да ја повлечат економијата во позитивна зона.
 
Ја отфрли можноста дека ќе се воведе флуктуирачки курс на денарот, а за барањето на бизнис заедницата за укинување на давачката за задолжителна нафтена резерва, рече дека ќе се реразгледа и ќе се види дали има можност тоа да се направи.
 
Потенцира дека нема да има ребаланс на буџетот, а за изборите рече дека ќе бидат одвоени идентични средства како и за претходните избори, односно 240 до 300 милиони денари.(МИА)